Фестивали

Битола ги спојува традицијата и гастрономијата: Започна првиот „Чкембе фест Битола 2026“ (Фото)

Мирисот на традиционалната чкембе чорба, автентичните македонски вкусови и богатата гастрономска понуда ја претворија Битола во центар на кулинарските доживувања. Под мотото „Од котлето на традицијата до иднината на гастрономскиот туризам“, вчера започна првото издание на манифестацијата „Чкембе фест Битола 2026“, со амбиција локалната кулинарска традиција да прерасне во препознатлив туристички бренд.

Свеченото отворање се одржа на плоштадот „Магнолија“, каде присутните ги поздрави градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, истакнувајќи ја важноста на ваквите настани за промоција на градот, неговите традиции и угостителскиот потенцијал.

„Замислата на организаторот која е за поздравување е што посебен акцент се става на идејата традицијата да се претвори во современа туристичка и гастрономска понуда, преку која препознатливите вкусови, рецепти, обичаи и гостопримството на Битола ќе бидат претставени пред домашните и странските посетители“, нагласи Коњановски, изразувајќи надеж дека фестивалот ќе прерасне во традиционална манифестација.

Во фокусот на тридневната програма е чкембе чорбата – специјалитет кој со децении има посебно место во македонската угостителска култура. Но, фестивалот не е замислен само како прослава на едно традиционално јадење, туку и како можност да се претстават кулинарското наследство, локалните производители и потенцијалот на гастрономијата како двигател на туризмот. Посетителите ќе имаат можност да проследат голем гастрономски натпревар, натпревари во подготовка на специјалитети од чкембе, како и понуда на чкембе чорба подготвена во казани. Дополнителна содржина ќе понудат изложувачите и производителите на органска храна, со презентации на храна и пијалоци.

Програмата предвидува и претставување на македонското културно наследство, со што гастрономското доживување ќе се надополни со традицијата и културниот идентитет на земјата.

Посебен акцент на фестивалот е ставен и на поврзувањето на гастрономијата со современите туристички тенденции. Во рамките на трите фестивалски денови ќе се одржи и трибина на тема „Балканска кујна – традицијата и актуелните тенденции во туризмот и угостителството“, на која во фокус ќе бидат значењето на традиционалната кујна и нејзината улога во развојот на туристичката понуда. Организатори на манифестацијата се Здружението за културни, уметнички, традиционални и забавни активности „Гурман плус“ Битола и Здружението за угостителство и туризам „Еснаф“ од Битола, со поддршка на Општина Битола.

Со првото издание на „Чкембе фест“, Битола испраќа порака дека гастрономијата може да биде многу повеќе од храна на трпезата – таа е дел од локалниот идентитет, начин на пренесување на традицијата и можност за привлекување нови посетители. Ако замислата на организаторите се оствари, чкембе чорбата би можела да стане симбол на настан кој ќе ги обединува љубителите на традиционалната кујна, угостителите и туристите, а Битола да добие уште една автентична причина за посета.

Текстот го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: