Пехчево деновиве не беше само домаќин на уште едно културно случување – туку град во кој традицијата, музиката и заедништвото повторно ја покажаа својата најубава страна. По повод патрониот празник Павловден, централното градско подрачје беше исполнето со илјадници посетители, звуците на дувачките оркестри и атмосфера која уште долго ќе се памети.
Шеснаесеттото издание на Фестивалот на дувачките оркестри уште еднаш потврди дека оваа манифестација е еден од најпрепознатливите културни симболи на Малешевијата, привлекувајќи гости од целата држава и од странство. Но, што значи организацијата на еден ваков фестивал? Колку труд, одговорност и визија се потребни за Пехчево од година во година да биде препознатлива фестивалска и туристичка дестинација?
По завршувањето на фестивалот разговаравме со градоначалникот на Општина Пехчево, Александар Китански. Во искрено и отворено интервју тој зборува за предизвиците во вториот градоначалнички мандат, организацијата на најголемите општински манифестации, инфраструктурните проекти што се реализираат, мерките за справување со шумските пожари, како и за амбициозните планови за туристички развој на Пехчево преку европски фондови. Кои се идните чекори за развој на Равна Река и Вртена Скала? Каква е визијата за планинскиот велосипедски туризам и како Пехчево да стане уште попривлечна дестинација во текот на целата година?
Одговорите на овие и на многу други прашања прочитајте ги во интервјуто што следува.
Честитки за одличната програма на 16-тиот Фестивал на дувачки оркестри. Какви се вашите импресии
Градоначалник на Пехчево – Александар Китански: Најпрвин сакам да ви се заблагодарам вам како новинари за желбата да нè посетите, да бидете во центарот на случувањата во Пехчево и во секој момент во живо да ја пренесете атмосферата до домовите на сите оние гледачи кои не можеа да бидат присутни на плоштадот „Свети Петар и Павле“. Воедно ве поканувам и следната година да бидете наши гости. Можам да кажам дека имавме прекрасен концерт по повод патронот на градот. Фестивалот на дувачки оркестри се одржа по 16-ти пат во централното градско подрачје. Имавме навистина многу посетители, а преку порталите веќе можеше да се види прекрасната атмосфера и убавите гости кои ги имавме. Во петокот вечерта гостуваше Кеба кој направи одлична атмосфера. Во саботата гостинка ни беше Теодора Џехверовиќ, а од нашата естрада настапија „Бело копче“ кои приредија прекрасна забава за граѓаните и секако Brass Brothers со кои кулминираше првата вечер програма. Исклучително сме задоволни и од дувачките оркестри кои во доцните вечерни часови направија вистинска журка за публиката. Секако, да не заборавиме да ги спомнеме најдобрите Бојан и Богдан Ристиќ, кои по четврти пат настапија во Пехчево. Со својот звук на трубата уште еднаш докажаа дека не случајно се прва труба на Гуча. Оваа година имавме навистина богата програма и огромна посетеност, што ни причинува посебно задоволство.
Публиката беше одушевена од изборот на уметници. Кој ја осмислува концепција и како се подготвува овој фестивал?
Градоначалник на Пехчево – Александар Китански: Како што вели поговорката, „една ластовичка не ја прави пролетта“. Најпрвин, јас како градоначалник и вработените во локалната самоуправа не би можеле сами да го организираме фестивалот. За ваков настан потребни се повеќе луѓе од различни области — од секторот за финансии, па сè до логистика. Како градоначалник, во соработка со општинската администрација, а пред сè по консултација со граѓаните, доаѓаме до сознанија и идеи кои гости да ги поканиме. Притоа, нормално е дека треба да водиме сметка да обезбедиме забава и да ги исполниме желбите за сите старосни генерации, почнувајќи од најмладите. Самата концепција ја правиме во зависност од тоа кои естрадни уметници се слободни и со кои можеме навреме да се договориме. Тие се доста зафатени со настапи во дискотеки и по морските летувалишта во овој период. Затоа, ако не се договорите навреме и ако задоцните со организацијата, можете навистина да си ја отежнете работата. Ова е макотрпна и долгорочна работа. За вака голем настан и манифестација, со сигурност можам да кажам дека оној кој нема организирано нешто слично, не знае со какви сè предизвици се соочуваме.

Вие сте градоначалник втор мандат, што јасно зборува дека граѓаните ве сакаат и повторно ви ја довериле оваа одговорна обврска. Кои се најголемите предизвици со кои се соочувате на оваа позиција?
Градоначалник на Пехчево – Александар Китански: Пред сè, за да ја задржите довербата кај луѓето, сметам дека мора да останете човек — ист онаков каков што сте биле и претходно. Мора да имате коректен однос со сите и да не дозволите функцијата да ве понесе, бидејќи сите знаеме дека многу функционери се забораваат, па потоа си ги сносат последиците од тоа. Како општина, ние се соочуваме со слични проблеми како и останатите, а еден од најголемите предизвици е иселувањето. Сепак, се надеваме дека ситуацијата ќе се подобрува и веќе забележуваме како некои сограѓани кои беа во странство почнуваат да се враќаат. Иако за целосно подобрување можеби ќе требаат години, сигурен сум дека се движиме во правилна насока. Што се однесува до локалните проблеми, главен фокус ни е инфраструктурата. Благодарение на помошта од централната власт, успеавме да решиме голем дел од инфраструктурните проблеми, а во следниот период следуваат уште поголеми активности на тоа поле. Пехчево е планинско и туристичко место. Ако сакате да го презентирате туристичкиот локалитет и да привлечете посетители, мора да имате добра патна инфраструктура, убава урбана средина во градот и соодветна туристичка понуда. Без тоа не можете да очекувате туристи. Затоа, ако во претходниот мандат и во досегашните планови бевме фокусирани на средување на патната инфраструктура во околните села, во овој дел од мандатот целосно ќе се фокусираме на туристичките локалитети и на централното градско подрачје. Целта ни е Пехчево да го добие вистинскиот лик на привлечен туристички центар.
Популарниот пејач Кеба беше фасциниран од природата на Пехчево, и генерално Малешевијата која ја спореди со Шумадија, но факт е дека во летниот период, убавите зелени шуми имаат опасност од пожари. Како се справувате со овој проблем и како ги спасувате шумите?
Градоначалник на Пехчево – Александар Китански: Можам да кажам дека зад нас има четири години како се соочуваме со страшни пожари. Мислам дека сите се запознаени со тоа што ни се случуваше кога доаѓаа и пожарникари од други места за да ни помогнат во гаснењето. Особено тешка беше 2024-та година, кога нè погоди уште еден огромен пожар, и тогаш беа нагризени белите дробови на Пехчево затоа што шумите се тоа за нашиот крај. Сега сме во период на санирање на штетите, каде што опожарената шума активно се чисти. Веќе имаме луѓе и организации кои сами изразија желба да донираат садници. Во моментов чекаме целосно да се исчисти теренот, па потоа масовно да почнеме со пошумување за да го обновиме тоа изгубено зеленило. Но, верувајте, свеста кај нас сè уште не е доволно разбудена. Ние во пониските места, каде што имаме густи шуми и зеленило, постојано стравуваме од нови пожари, бидејќи човечкото невнимание е најчестата причина. Мора постојано да апелираме и да работиме на подигнување на свеста, бидејќи штетите се непреболни. Навистина не би сакал ниту еден мој колега градоначалник, без разлика дали кај нас или во странство, да се соочи со вакви тешки моменти и со ваква катастрофа на своја територија.

Како доктор по ветеринарна медицина и еколог, како планирате долгорочно да го промовирате и развивате туризмот?
Градоначалник на Пехчево – Александар Китански: Најдобра промоција за Пехчево се токму ваквите настани кои привлекуваат луѓе. Во поглед на развојот, веќе влегуваме во фаза на реализација на европски проекти преку програмата „Адриас“ (како и преку гранична соработка), каде што ги користиме европските фондови токму за промоција на туризмот. Се надевам дека во иднина ќе имаме уште попозитивна енергија и добри резултати. Верувајте, многу е тешко да се промовира едно место. Потребно е долго време за да се изгради успешна приказна и да се достигне посакуваното ниво. Сепак, Пехчево изобилува со природни убавини и навистина имаме што да понудиме и што да им покажеме на посетителите. Имаме пристапни планини кои се одлични за планински туризам, како и уредени велосипедски патеки. Оваа година беше специфична по тоа што повторно се одржа традиционалната велосипедска трка „Пехчево на точак“. Таа патека се вози низ прекрасните Малешевски планини — трката започнува од центарот на Пехчево и завршува повторно на градскиот плоштад. Секоја година имаме сè повеќе учесници. Најчесто тоа се велосипедисти од нашата држава, но знаат да ни дојдат и гости од соседна Бугарија. Овој настан веќе прераснува во убава традиција. Сега, Локалниот младински совет формиран од општината ја презема обврската да ја негува и да ја одржува оваа манифестација, секако со наша поддршка. Верувајте, како градоначалник кој се залага за развој на туризмот и спортот, не жалам средства и ресурси за вакви проекти. Единствено важно ми е да имаме долгорочна визија и напредок. Имаме содржини и атракции каде што можеме да ги водиме туристите — тука е туристичката населба „Равна Река“, водопадот „Вртена Скала“, како и значајни археолошки локалитети. Но, за успешна приказна и развој на туризмот, клучно е и самите граѓани да бидат проактивни. Тука најмногу мислам на угостителските објекти. Тие се директно засегнати со оваа работа, бидејќи имаат и најголема економска добивка од приливот на туристи.
Често велат дека организацијата на еден успешен фестивал започнува во моментот кога ќе се спушти завесата на тековното издание. Фестивалот годинава повторно ја оправда својата репутација. Дали веќе ги анализирате впечатоците, што ќе биде првиот чекор во подготовките за 17. издание и со каква визија сакате Фестивалот на дувачките оркестри да продолжи да расте и да се развива во иднина?
Градоначалник на Пехчево – Александар Китански: Почнуваат годишните одмори и имаме една методологија, кога ќе се појавиме на работното место веќе од понеделник натаму, да се разговара како поминал фестивалот и да се слушнат сите коментари и додека траат годишните одмори се сумираат впечатоците и импресиите од оваа година. А веднаш потоа почнуваме да размислуваме за тоа како би сакале да биде следната година, дали би сакале да биде на исто ниво, на ниво погоре и нешто поразлично од она што било веќе видено. За следната година секако дека размислуваме за музичко име и изведувачи кои секако се познати и моментално актуелни, но сепак, тоа зависи од финансиите и финансиската конструкција на настанот и фестивалот. Како рекле старите: „Колку пари – толку музика“.
Интервјуто го подготвија: Новинарските екипи на музичкиот портал Музика24 и интернет порталот Свет-Аустралиа
Фото: Музика24/Пехчево денес
