Од 4 до 10 ноември 2026 година, во Кинотеката на Македонија ќе се одржи Недела на јапонски филм. Публиката ќе има можност да проследи шест остварувања што ја претставуваат разновидноста на јапонската кинематографија – од семејни драми и трилер до анимација и историска приказна. Сите проекции започнуваат во 19:00 часот, а влезот е бесплатен.
Програмата ќе биде отворена во среда, на 4 ноември, со „Чекор” на режисерот Кен Иизука, емотивна приказна за татко кој, по ненадејната смрт на сопругата, сам ја одгледува својата ќерка. Низ нивното секојдневие, филмот зборува за родителството, загубата и силата на семејната блискост.
На 5 ноември ќе биде прикажан „Маскирано одделение” на Хисаши Кимура, напнат трилер за лекар кој се соочува со опасен натрапник и со тајните на болницата. На 6 ноември следува „Речиси чудо” на Јуја Ишии, приказна за младоста, добрината и првите љубовни чувства.
На 7 ноември на програмата е „Деца на морето” на Ајуму Ватанабе, визуелно впечатлива анимирана авантура што ја истражува поврзаноста на човекот со морето и природата.
Циклусот продолжува на 9 ноември со „Банана? Во ова време од ноќта?” на Тецу Маеда. Инспириран од вистинска приказна, филмот ја следи решеноста на човек со мускулна дистрофија да живее самостојно и неговите односи со волонтерите кои му помагаат во секојдневието.
Неделата на јапонски филм во Скопје ќе заврши на 10 ноември со „Иване: Меч на спокојот” на Кацухиде Мотоки, историска драма за самурај кој се обидува да започне нов живот, но се вплеткува во опасен заговор во периодот Едо.
Преку различни жанрови и авторски пристапи, програмата отвора простор за запознавање со јапонската култура и со приказни за семејството, љубовта, солидарноста и личната слобода.
На 11 ноември програмата ќе продолжи во Центарот за култура во Битола, со проекции на „Деца на морето” и „Чекор”.
Сите проекции во Кинотеката се во 19:00 часот. Влезот е бесплатен, без резервации.
