Деновиве од печат излезе новиот број на списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“, втор број за 2026 година (година 72, број 2/2026). Во него може да се најдат поезија и препеви, проза, неколку критики и студии, а и размислувања за ликовната уметност.
Во рубриката „Поезија“ објавени се десет песни на Милчо Мисоски, како и избор од поезијата на француската поетеса Луиза Сифер (препев од француски јазик Елена Карпузовска), рускиот поет Константин Баљмонт (препев од руски јазик Елена Карпузовска), словенечкиот поет Сречко Косовел (препев од словенечки јазик Филипа Сара Попова), полската поетеса Калина Изабела Жола (препев од полски јазик Оливера Андоноска) и словачкиот поет Михал Митрик (препев од словачки јазик Звонко Танески).
Во рубриката „Проза“ објавени се раскази на Габриела Стојаноска и Филипа Сара Попова, а во рубриката „Критики, студии“ се најдоа три текстови – Никола Пијанманов со „Сè е во сонот сон – обид да се наслика портрет на Едгар Алан По“, Александра Огнаноска со „Женскиот интелект како бегство и кафез во романот „Мојата генијална другарка“ од Елена Феранте и Марина Мијаковска со „Потрага по арабеска или трагање по хармонични состојби во светот (кон стихозбирката „Арабеска“ од Милчо Мисоски)“.
Новитет за овој број е и рубриката „Ликовна уметност“. По повод роденденот на македонскиот и светски уметник Борко Лазески, објавен е неговиот духовен аманет упатен до прилепчани, напишан во стихувана форма во неговите дневнички записи на 06.09.1991 година, после завршувањето на неговото монументално дело, фреската „Македонија во НОВ“, на ѕидовите од НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп. Оригиналниот запис, уреднички редактиран, со воведник напишан за оваа прилика, го подготви уметникот Никола Пијанманов. Така, овој запис од вредно духовно значење се споделува и пренесува до пошироката македонска јавност.
Од редакцијата велат дека овој број е визуелно освежен, како на корицата, така и во делот на претставувањето на рубриките, но, сепак, доследно останува да комуницира со содржината. Центарот за култура „Марко Цепенков“, списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“ го издава со поддршка на Министерството за култура и туризам.
Од Прилеп за Музика 24 известува: Христијан Ангелески
