39 години од тешката сообраќајна несреќа на патот Куманово – Свети Николе, во која животите ги загубија, тројца членови на групата Авона, Вељко Павичевиќ (1957), Петранка Несторовска (1956) и Евдокија Алексова (1961).
Во страшната сообраќајка загинаа 9 лица, а повредени беа неколкумина естрадни уметници, нивни пријатели, колеги, како и припадници на тогашната ЈНА. Автобусот во кој патувале требало да одржи концерт за припадниците на Југословенската народна армија кои се наоѓале на извршување на редовните обврски кај Свети Николе. Спомените болат, но секогаш се тука, за ваквите великани никогаш да не заминат во заборав.

Балетската група „Авона“ остави белег со своето работење кон крајот на седумдесеттите и почетокот на осумдесеттите години. Македонските „локици“ се разликуваа од своите колеги по тоа што во редовите го имаа и Вељко Павичевиќ. Во првата постава беа Фроска, Пепи, Жане, Бети и Вељко. Подоцна се приклучи Вељка и Еви. „Авона“ како балетска група во своите настапи придружуваше повеќе југословенски и македонски естрадни имиња, а настапуваа и на модни ревии како фотомодели и на „Скопски фестивал“.
