Ретки се моментите кога музиката престанува да биде само уметност и станува животна приказна. Токму таков е новиот проект на македонскиот рапер Владко Јакимов, кој по три децении на сцената за првпат не настапува со колега, туку со својот најголем животен успех – 12-годишниот син Даријан. Наместо класична хип-хоп приказна, овој пат во прв план се љубовта, родителството, спомените и врската што не може да се опише со зборови, туку само да се почувствува.
Владко Јакимов, кој потекнува од Штип, а веќе подолг период живее и твори во Велика Британија, е добро познато име меѓу љубителите на македонскиот хип-хоп. Неговата музичка приказна започнува уште во 1996 година со групата „Како Браќа“, а денес успешно продолжува да создава под името ЕМИГРАНТИ, носејќи ја македонската музика и надвор од границите на татковината.
Новиот сингл „Татко & Син“ е една од неговите најлични и најискрени песни досега. Во неа, преку рими исполнети со емоции, Владко зборува за денот кога станал татко, за животните лекции, предизвиците и вредностите што сака да му ги пренесе на својот син. Денес, дванаесет години подоцна, тие не само што го делат секојдневието, туку заедно застануваат и пред микрофонот, претворајќи ја својата животна приказна во музика.
Особено впечатлив е рефренот:
„Три децении рими, мислев сè сум видел јас,
Бог ми даде син, сега пееме во еден глас.“
Овие стихови најдобро ја доловуваат суштината на песната – дека најголемиот успех не е бројот на снимените песни или годините поминати на сцената, туку моментот кога љубовта кон музиката станува наследство што се пренесува од татко на син. Песната е создадена во Велика Британија, во продукција на Emigranti Studio, а е проследена и со официјален видеоспот кој дополнително ја раскажува оваа искрена семејна приказна.
Инаку, Владко и Даријан веќе имаа можност заеднички да ја претстават песната пред публика во Лондон и Оксфорд, во рамките на Македонските културни денови во Велика Британија, каде нивниот настап беше пречекан со големи симпатии.
Со новата песна „Татко & Син“, ЕМИГРАНТИ не нудат само нов музички сингл. Тие испраќаат порака дека музиката може да биде мост меѓу генерациите, а највредното наследство што еден татко може да му го остави на својот син не се материјалните нешта, туку љубовта, вредностите и заедничките моменти што остануваат засекогаш.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски
