На само неколку недели до големиот концерт во арената „Борис Трајковски“, „Некст тајм“ ги открија првите специјални гости што ќе бидат дел од музичкиот спектакл закажан за 27 ноември. На сцената, покрај браќата Стефан и Мартин Филиповски, ќе се појават и Антониа Гиговска и легендарната група „Синтезис“, со што вечерта добива уште поголема тежина и разновидност.
На вчерашната прес-конференција, дуото ја промовираше и својата најнова песна „Години“, но вниманието го привлече и најавата за концертот, кој, според нив, нема да биде само уште едно музичко случување.
„Сакаме да ѝ дадеме шанса на млада пејачка. Мислам дека во моментов нема подобар млад женски вокал од Антониа. Ќе испееме една наша песна во дует и верувам дека ќе звучи уште поубаво. Многу ги почитуваме ‘Синтезис’ и сакаме почесто да ги гледаме на македонската музичка сцена. Затоа ни е особено драго што ќе бидат дел од нашиот концерт“, изјави Стефан Филиповски.
Публиката ќе има можност да ги слушне најголемите поп-рок хитови на „Некст тајм“, но и нивните препознатливи преработки на македонски народни песни, создадени во соработка со композиторот Николче Мицевски.
„Не сакаме концертите да се сведуваат само на пеење песни. Нашата желба е публиката да добие чувство дека присуствува на театарска претстава, на вистински спектакл со приказна, емоција и силна сценска продукција“, истакна Мартин Филиповски.
Мицевски, кој соработува со „Некст тајм“ повеќе од една деценија, откри дека концертната програма ќе донесе и песни што досега никогаш не биле изведени во живо, како и интересен спој на современиот поп звук со традиционалната етно-музика. Во фокусот на прес-конференцијата беше и новиот сингл „Години“, песна за која музиката ја потпишува „Некст тајм“, додека текстот е дело на Стефан Филиповски, Магдалена Цветкоска-Ена и Лазар Цветкоски. Цветкоски е автор и на аранжманот, миксот и мастерингот, а видеоспотот е реализиран во режија на „Стедифлоу“, со моделот Мартина Михајловска во главната улога.
„Ова е нашата најпозитивна песна досега. По „Ме остави сам да живеам“ и „Рамо за плачење“, почувствувавме дека е време за една поинаква приказна и посвеж звук. Веруваме дека „Години“ ќе допре до публиката на поинаков начин“, рече Стефан.
Концертот го организира продукцијата Прагма, а нејзиниот сопственик Кристијан Стефановски потсети дека заедничката приказна со „Некст тајм“ започнала уште во 2008 година.
„Горд сум што по речиси две децении сè уште растеме заедно. Уште тогаш верував во нивниот потенцијал, а денес сум убеден дека имаат што ново да ѝ понудат на македонската публика и дека нивната приказна ќе трае уште многу години“, изјави Стефановски.
Со најавените гости, новата музика и концептот што ветува спој на концерт, театар и визуелен спектакл, 27 ноември се очекува да биде една од најзначајните музички вечери оваа година, а „Некст тајм“ уште еднаш покажуваат дека сакаат да ги поместуваат границите на домашната концертна продукција.
Текстот го подготви: Редакција Музика24
