Во прв ред

Рок, опера и симфонија во едно – „Barcelona“ ќе биде едно од најсилните изненадувања на „Flowers Symphony 2“

Има песни кои одамна престанале да бидат само хитови. Тие стануваат дел од музичката историја. Токму таква е „Barcelona“, незаборавниот дует на Фреди Меркјури и Монсерат Кабаље, кој на 16 ноември ќе добие ново симфониско издание на концертот „Flowers Symphony 2“ во Македонската филхармонија.

Пред скопската публика ова ремек-дело ќе го изведат Наде Талевска и Бојан Стојков, придружувани од Оркестар DIVA, под диригентската палка на Владимир Димовски. Ќе биде тоа прва изведба на оваа композиција од Оркестар DIVA – момент што љубителите на големите музички приказни сигурно нема да сакаат да го пропуштат. Малкумина знаат дека сè започнало како сон на Фреди Меркјури. Уште пред да ја запознае Монсерат Кабаље, тој јавно зборувал дека нејзиниот глас го смета за еден од највеличествените што некогаш ги слушнал. Кога конечно се сретнале во Барселона во 1987 година, наместо само една песна, се родило пријателство и идеја за цел заеднички албум.

Резултатот беше „Barcelona“ – композиција која совршено ги спои рок-енергијата на Меркјури и раскошниот оперски вокал на Кабаље. Само неколку години подоцна, песната стана неофицијална химна на Олимписките игри во Барселона во 1992 година и засекогаш остана симбол на градот и на една несекојдневна музичка соработка. Она што ја прави безвременска е токму спојот на два навидум неспоиви света. Во неа има драматичност, емоција, сила и нежност, а секоја нова изведба носи поинаква енергија. Затоа и денес, речиси четири децении подоцна, „Barcelona“ продолжува да ја воодушевува публиката ширум светот.

Токму таква можност ќе има и скопската публика. Со симфониски оркестар, моќни вокали и раскошен сценски звук, легендарниот дует повторно ќе оживее, овојпат на сцената на Македонската филхармонија.

Но, „Barcelona“ е само дел од музичкото патување што го подготвува „Flowers Symphony 2“. Во програмата ќе прозвучат и безвременски италијански класици, незаборавни филмски теми и композиции од музичките великани Енио Мориконе и Ханс Цимер, во спектакл што ќе ги обедини оркестарот, хорот и солистите на една сцена. Концертот ќе се одржи на 16 ноември 2026 година, со почеток во 20 часот, во Македонската филхармонија. Билетите се веќе во продажба преку e-ticket.mk и во Fruttissimo Juice Bar во Скопје.

Текстот го подготви: Редакција Музика24

Можеби ќе ве интересира: