Специјализираниот македонски музички портал Музика24 ексклузивно дознава дека на 7-ми ноември во спортската арена “Борис Трајковски”, по повод прославата на 40 години од своето постоење, концерт ќе одржи легендарната и добро позната екс ју група “Бјело Дугме” на Горан Бреговиќ придружуван од “Оркестар за свадбе и сахране” и Ален Исламовиќ како специјален гостин. Оваа турнеја “Ко не полуди, није нормалан” која всушност претставува светска турнеја, во Македонија ја организира на далеку познатата Авалон продукција. Тие за Музика24 велат дека чест и задоволсто е да се работи ваков голем историски проект, знаејќи дека пред 9 години Скопје немаше привилегија да биде вклучено во една од големите турнеји на оваа група.
А Горан Бреговиќ по повод големата светска турнеја пак вели дека ќе настапат и одржат концерт секаде каде што има “наши” луѓе, а на концертите ќе бидат изведени сите големи досегашни хитови на “Бјело Дугме” од сите досегашни нивни познати албуми.
“Кад би био Бијело Дугме”, “Селма”, “Не спавај мала моја”, “Пристао сам бичу све што хоче”, “На задњем седишту мога аута”, “Ружица си била”, “Падају ѕвезде”, “Лоше вино”, “Битанга и Принцеза”, “Сањао сам ночас да те немам”, “Липе цвату”, “Тако ти је мала моја кад љуби босанац”, “Хајдемо у планине”, “Има нека тајна веза”… ова ќе биде само дел од репертоарот кој што најпродаваната, најнаградуваната и најслушаната група на целиот Балкан на сите времиња ќе ги исполни на концертот во “Борис Трајковски”.
Најавениот специјален музички гостин, Ален Исламовиќ за турнејата и целиот спектал изјавува:
“Многу ми драго што повторно со Горан ќе застанеме на бина како во далечната 1989. Ќе ги свириме и пееме сите најубави песни на “Бијело Дугме” и заедно со нашите фанови да го прославиме 40 годишниот роденден на бендот. Јас како последен пејач на Дугме и тогаш ги пеев сите песни, па можам и денес. Секако тоа ќе бидат концерти полни со многу носталгија, тага и среќа. На концертите ќе не прати “Оркестар за свадбе и сахране”, но во еден модерен манир. Сакам да ја искористам оваа прилика и да ги повикам сите генерации да ни се придружат заедно да го прославиме овој голем јубилеј “, вели Исламовиќ. Од Авалон продукција велат дека околу продажбата на влезниците за големиот концерт со Скопје дополнително ќе бидете известени преку музичките медиуми.
Подготви: Магдалена Атансовска
