Музика на кирилица

“Темпера” – нов бенд, нов бренд

Групата “Темпера” е оформена 2013-та година во Скопје, а во неа членуваат музичари со огромно искуство, кои учествувале или соработувале со најголемите и најкултните македонски бендови: Архангел, Мизар, Кисмет, Влатко Стефановски Трио…

Драган Гиновски-Гино – гитарист и композитор. На свои 15 години, го оформува “Гино де Гаги” урбан андерграунд бенд, а во 1988-та година заедно со Ристо Вртев и Дејан Аргировски го создаваат македонскиот култен бенд Архангел, каде членува се до 2011-та. Како дел од Архангел, многу музички критичари го прогласуваат за еден од најдобрите рок гитаристи во Македонија.

Ѓоле Максимовски – бас гитара и композитор. Музички активен од средината на 90-те години, басист и композитор на албумите на “Тилт”, “Сет”, “Беневентан Трио”, “Мозаик” како и основач на бендот “Кабадајас”. Од 1998-та до 2005-та година е член на Архангел. Учесник е во снимањето на албумите на “Алшар”, “Мугер Фугер”, а во моментов како и во изминатите 10-на години е дел од “Влатко Стефановски – Трио” со кого има остварено успешни соработки со неколку светски реномирани музичари како Јан Акерман, Теодосиј Спасов, Стефан Миленковиќ.

Мите Димовски – тапанар, композитор, аранжер, продуцент. Својата музичка кариера ја започнува на свои 12 години во групата Цилиндер, како најмлад тапанар во екс Југославија. Најголемиот дел од својата кариера како музичар ја има поминато во групата Архангел од 1991-та до 2005-та година и учествувал во снимањето на четири албуми на бендот. Во својата дваесет годишна кариера има учествувано во импозантни, преку 400 проекти како продуцент, а покрај многуте музички имиња соработувал и со Мизар, Анастасија, Фолтин, Кирил Џајковски, Влатко Стефановски…

Тања Тас – вокал и текстописец. Уметник, дипломиран сликар и графички дизајнер, својата музичка кариера ја започнува на 16 годишна возраст како вокал на првиот македонски блуз бенд “Wild Bunch”. Континуирано од тогаш учествува во доста музички проекти заедно со Кисмет, Лилит, Горан Трајкоски-Готра, Игор Атанасовски Харе итн. Зад овој бенд ќе стои продукциската кука Авалон која ќе се грижи за нивните настапи и албуми кој ќе се приоритет во овој период.

Подготви: Редакција Музика24

Можеби ќе ве интересира: