Вчера на пладне во скопскиот ресторан “Пелистер”, се одржа прес конференција на која се најави Рокерската ноќ, со која во четврток пред Младинскиот културен центар ќе се слави 50 годишното рокерско живеење на Македонија. На прес конференцијата зборуваа претставници од организаторот, Рок академијата “Рок-кор-Орфеј”.
Прв зборуваше Симеон Иванов – Канго кој истакна дека некогаш се обидувале со песна и со љубов, на тој начин и комуницирале со сите луѓе во светот, додека денес е сосема поинаку.
“Рокенролот е наш долг од младоста, па наваму. Тогаш се стремевме со песна, со порака, со љубов да комуницираме со сите луѓе во светот, небаре нашето време беше едно движење во космоплитски рамки, која од рокенролот денес се префрли на една глобална комуникација во новата форма – телевизија, интернет, сателитски програми… Нашата рок академија “Рок-кор-Орфеј” е активна со децении. Орфеј е првиот митолошки пејач кој свирел на инструмент китара и успеал со тоа да ги скроти ѕверовите и да ги смилостиви Боговите. Среќни сме што наш Претседател е Константин Икономов, живата легенда, ветеран и првиот наш гитарист, кој на “Рок гитаријадите” ги земал првите места низ Југославија, низ Балканот. Ние го ширевме рокенролот, денес нашите потмоци истото го прават”, кажа Канго.
Претседателот пак на Рок акамедијата, Константин Икономов пред седмата сила изјави дека голема чест и задоволство му е што ја организираат оваа голема рок манифестација, а тој како еден од постарите членови ќе настапи со своите колеги за да ја подцетат младината само за миг како тие на времето музицирале.
Свој збор зедоа и Влатко Плевнеш, Дејан Шкатов како и Ристо Апостолов кој заедно истакнаа и се сложија дека со задоволство ќе настапат на четврточниот музички рок хепенинг и дека секој музичар би сакал да се најде на нивно место. Едноставно, младите да видат и да научат како некогаш се свирело и се правеле вистински музички забави, а не како тоа тие денес го прават.
Подготви: Магдалена Атанасовска
