Познатата македонска група Foolish Green утре 12-ти јуни, ќе го промовира новиот сингл “Twelve”. Тие новиот сингл ќе пуштат на интерент музичкиот канал You Tube и soundcloud.com. За новиот сингл и неговото промовирање, тие изјавуваат:
“Музичка порака и опомена до авторитетните органи на општеството, до властите и до мизантропите во пирамидниот систем. Токму до “тие” што го замолкнаа човекот, го поробија во пранги, го каменуваа, обесија, обезглавија, и го инфицираа од сеопштото лудило на секојдневјето. “Тие” што го натераа да преживува, а не да живее! “Тие” што му ги одзедоа правото да верува и правото да биде во право. “Тие” што му ја згорчија младоста и му ја исцедија староста. “Тие” што немаат слух за мелодија, туку само за очајничките викотници на неслушнатите. Мора полека и свесно да се излечиме од вирусот во живото граѓанско ткиво, кој постојано го зголемува хаосот. Ѕверот веќе е испуштен од контрола, саатот критично отчукува. Вратите се отворени, пречките се огромни. Вејте го знамето на љубовта и единството, кои нe одржуваат во живот. Затоа што веќе не сме безбедни, како ни дванаесетте мајмуни. “Тие” живеат, но ние не спиеме повеќе!”, велат членовите на Foolish Green.
Темата е компонирана и аранжирана од Ненад Стефановски, кој се јавува и како вокал и гитара. Останатите членови на бендот се: Дарко Стојоски- гитара, Теодор Бошков – бас, Дејан Јефремов – тапани.
Подготви: Влад Петров
