Специјализираниот македонски музички портал Музика24 дознава дека на 11-ти јули во градот Македонска Каменица ќе се одржи музичкиот фестивал “True Sound Of Kamenica”. Овој голем музички настан ќе биде сосема поинаков, за разлика од оние досега што биле организирани во овој град. Повеќе наменското спортско игралиште веќе е во подготвока за овој музички фестивал, кој ќе биде уникатен и еднодневен, под отворено небо чија цел ќе биде урбаното будење и градење на улична култура.
Од Културно-информативниот центар “Романса” и од Општина Македонска Каменица кои се и организатори на фестивалот, најавуваат огромна сцена, извонредни аудио и визуелни ефекти. На сцената ќе настапат девет врвни диџеи од Македонија, Србија и Бугарија, кои на публиката ќе и приредат вистински музички спектакл, висок адреналин, позитивна енергија и секако, забава до раните утрински часови. На првото издание на “True Sound Of Kamenica” ќе настапат Vladimir Acic и Loco Baby од Србија, Christian Craken, Momo Dobrev и Miss Party од Бугарија и домашните диџеи Dj Darkman, Dj Abrash, Dj ZokiPoki и Borce Panov.
Застанувајќи зад овој проект, Општина Македонска Каменица и годинава покажува и докажува дека го поттикнува урбаното и културното живеење, подржувајќи ги современите вредности и урбаниот начин на живот. Овој музички фестивал е поддржан и од Министерството за култура на Република Македонија.
Подготви: Магдалена Атанасовска
