Во прв ред

Врвни музички имиња на 33-то издание на “Скопски џез фестивал” (Фото)

Од 16-ти до 19-ти октомври во главниот град на Македонија ќе се одржи 33-то издание на најпознатиот и реномиран Скопски џез фестивал. Оваа година, организаторите најавуваат шаренолика програма која опфаќа 12 концерти на голем број врвни светски музичари и групи.

Со настапот на дуетот Јун Сун На и Улф Вакениус и на Тери Лин Керингтон квартет, на 16-ти октомври во Универзалната сала ќе започне Скопскиот џез фестивал, а љубителите на џезот во следните неколку дена ќе можат да уживаат во квалитетната музика претставена во четирите фестивалски дена и истовремено да ја имаат привилегијата да уживаат во концертите и настапите на реномирани музичари и групи доаѓаат од САД, Велика Британија, Шведска, Норвешка, Бразил, Јужна Кореја, Полска, Швајцарија, Белгија и Австралија. И оваа година, како и изминатите фестивалски изданија почитувачите и љубителите на џез музиката ќе можат да слушнат квалитетен џез кој се движи од класичниот па се до авангардниот и прогресивниот џез, како и музика која е прифатлива за секое уво и публика.

Skopski Jazz FestivalПрвиот фестивалски ден на 33-то издание од “Скопски џез фестивал”ќе го отворат две големи дами на џез музиката. Публиката ќе има ретка можност да го проследи настапот на извонредната корејска џез-вокалистка Јун Сун На која ќе настапи во дует со шведскиот гитарист Улф Вакениус, дуо во чија музика се проткајува уникатна музичка хемија и богатство на бои. Истата вечер присутните ќе можат да уживаат и во концертот на американската тапанарка, композиторка и добитничка на наградата ГРЕМИ, Тери Лин Керингтон. Керингтон со својот квартет во Скопје ќе го претстави актуелниот проект “Money Jungle: Provocative in Blue”, нејзиниот долго очекуван омаж на исконскиот албум “Money Jungle” на легендарното трио на Дјук Елингтон, Чарлс Мингус и Макс Роач од 1963 година. Полноќната програма на фестивалот во Сити хол центар ќе ја отвори Maciej Obara International, модерниот џез квартет на најзначајното име на новиот полски џез, саксофонистот Мачиеј Обара.

Skopski Jazz FestivalЗа енергичната атмосфера на втората фестивалска вечер односно на 17-ти октомври во Универзалната сала, ќе бидат задолжени експлозивните Fire! Orchestra, 24-члениот биг-бенд, составен од кремот на шведската џез, импро и авант-рок сцена, кој ќе настапи под диригентската палка на Матс Густавсон. Во склоп на оваа вечер, својот карактеристичен музички опус ќе го претстави и исклучителниот швајцарски пијанист и композитор Ник Барч, придружуван од составот Ronin Rhythm Clan. Концертната програма оваа петочна вечер ќе биде заокружена во Сити хол центар со полноќниот концерт на белгиското трио Dans Dans кое е едно од најинтригантните откритија на европската музичка сцена во последните години.

Skopski Jazz FestivalТретата пак фестивалска вечер која ќе се одржи ден потоа односно на 18-ти октомври е резервирана за едно од најиновативните и најоригинални имиња на џез-пијанизмот, Американецот Метју Шип. Вториот дел од оваа вечер е посветен на врвен џез и боса нова, во кој ќе бидеме заведени од изведбата на славната бразилска пијанистка и пејачка Елиане Елиас, која на скопската публика ќе и го понуди својот препознатлив репертоар кој ги обединува нејзините бразилски корени и заводливиот вокал со импресивните инструментални џез и класични композиторски вештини. На полноќ, во Сити хол центарот ќе ги видиме култните британските иноватори Red Snapper кои ќе го претстават својот најнов проект “Hyena”, албум кој ја носи свежината на актуелниот афро-фан ривајвл, а во исто време претставува рефлексија на целокупната работа на бендот во последните две децении.

Skopski Jazz FestivalОвогодинешното фестивалско џез патување ќе заврши во недела на 19-ти октомври, кога со првиот концерт од фестивалската завршница во Кино Фросина ќе го исполни можеби најистакнатото и најоригиналното музичко дуо на 1990-те, составено од легендата на њујоршката авангардна сцена Нед Ротенберг и извонредната вокална импровизаторка Саинко Намчилак, чиешто повторно обединување нѐ остава во возбудливо исчекување. Програмата од ова фестивалско издание ќе заврши во Салонот на Македонската опера и балет со настап на трубачот, мулти-инструменталист, композитор и импровизатор Вадада Лио Смит во тандем со њујоршкиот саунд дизајнер Hardedge, чиј прв заеднички студиски проект “The Nile” беше снимен во април оваа година. За крај на 33-то издание на “Скопски џез фестивал”, посетителите ќе уживаат во концертниот перформанс на култното австралиско трио The Necks, чие прво концертно претставување во Скопје несомнено ќе биде уникатно музичко доживување.

Влезниците за 33-от “Скопски џез фестивал” ќе бидат пуштени во продажба од утре 15-ти септември на билетарите на Југотон Рекордс, Универзална сала и Македонската опера и балет и онлајн на www.mktickets.mk.

Подготви: Синиша Новевски

Можеби ќе ве интересира: