Фестивалот на новосоздадени македонски песни Фолк-Фест Валандово е историска појава на музичката сцена во земјата. Валандовскиот фестивал, како прв и најреномиран и подари на Македонија и подари 1023 нови македонски песни, творештво од непроценливо богатство, песни со кои се афирмираат авторите на музика, текст и аранжман, но и ннтерпретаторите. Се создадоа нови творци кои ја реафирмираа новосоздадената песна и покажаа дека се доследни наследници на песнопојната и музичката традиција создавана низ вековите од народниот гениј на овиие простори. Што е најважно, преку псната го зајакна и го афирмира националниот идентитет на Македонецот во земјата и духовно ги обедини сите Македонци во светот.
Тој започна далечната 1985 година и денес слави исклучителен јубилеј – 30 години опстој во континуитет со што прерасна во најзначаен музички бренд во земјата. Тој трае ли трае, со ентузијазмот, огромната љубов, елан истрајност и способност на менаџирање, исполнета со голема храброст на сите кои беа на негово чело сиве овие години. Валандовчани си го сакаат фестивалот и затоа издржаа до овој значаен јубулеј. Но треба да се знае дека фестивалот е најмалку валандовски, тој е семакедонски.
Валандово денес е фестивал – институција од национално значење кој во континуитет од триесет години, на брилјантен и исклучителен начин ја оствари својата историска улога и мисија. Останува сегашните генерации започнатото дело да продолжат да го негуваат и чуваат, збогатуваат и обнародуват. Како потврда на сето мое искажано, заради неговото значење имам обврска да го ипрезентирам најзначајните цитати – сижеа за Валандововскиот фолклорен фестивал од најпознатите музички, интерпретаторски и други авторитети од Република Македонија.
“Валандовскиот фолклорен фестивал – и метафорично и суштински е Велигден за македонската песна, која воскресната започна нов живот” – Георги Барбаровски, поет, новинар, публицист.
“Песни со јасни идентитетски нишки” – Нано Ружин, амбасадор на Р.Македонија во НАТО, Брисел, 21.5.2004 година
“Врз темелите на традицијата” – Миле Брзанов, музички уредник на редакцијата на Народна музика на РТС и еден од организаторите на фестивалот
“Фолклор во ново руво” – проф.д-р Тома Прошев
“Квалитетното творештво се обнародува” – д-р Томе Саздов, професор на македонска народна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје
“Историски чин на нашата култура” – Костадин Костадиновски, идеен творец, еден од основоположниците и уметнички директор на фестивалот
“Меѓник на современата македонска култура” – Марко Коловски, музиколог, музички уреднк
“Манифестација на национално единство” – Томислав Османли, новинар, драматург, публицист
“Продукција со осведочен квалитет” – Кирил Тодевски, музички уреник во македонско радио и уметнички директор
“Уметничка надгардба на песната” – Орце Гелевски, музички уредник во МРТ и уметнички директор
“Духовна храна за Македонците” – Хилми Билбил, композитор
“Силен бедем пред туѓите влијанија” – Григор Копров, композитор
“Пејачите станаа ѕвезди” – Петар Нечовски, интерпретатор
“Македонски Санремо” – Перо Христов, интерпретатор
“Место за домување на душата” – Ѓорѓи Калајџиев, поет и уредник во Канал Вис-Струмица
“Мост со татковината” – Фиданка Танаскова, новинар, публицист и сл.
Еве такви се размислувањата за Фолк-Фест-Валандово. Пред портите на големиот јубилеј, но целосно реновираната и опремена фестивалска сцена во Валандово, во извонредни услови достојни за големиот јубилеј, Валандово и Македонија го очекува почетокот на 30 издание на фестивалот 2014 година на 16,17 и 18 октомври годинава.
И на крајот. Да го чуваме, збогатуваме и му дадеме уште поголема подршка за нови квалитетни музички изданија на нашата најзначајна манифестација. До некој друг јубилеј. НЕКА Е ЧЕСТИТ ЈУБИЛЕЈОТ ВАЛАНДОВЧАНИ…! НЕКА Е ЧЕСТИТ,БЕРИЌЕТЕН И ВЕКОВИТ ФОЛК-ФЕСТ ВАЛАНДОВО, МАКЕДОНИЈО…!
Подготви: Мирче Карамучев, поранешен долгогодишен организатор, директор и раководител на прес службата на Фолк Фест Валандово
