Пејачката Kаролина Гочева најави големо скопско заокружување на проектот “Македонско девојче 2”, на 13-ти декември, во арената “Борис Трајковски”. Таа ќе го изведе материјалот од вториот албум, но и од неговиот претходник. На овие две изданија се најдоа нови авторски нумери инспирирани од нашата традиционална песна. Kаролина пред три години одржа голем концерт на истата локација. Тогаш датумот беше петок, 13-ти мај. Сега повторно се враќа на местото, а настанот овој пат ќе биде в сабота.
“Се е само случајност. Не знам, изгледа таа бројка ме следи. Минатиот пат тој малерозен петок за мене не беше баксузен. Се надевам дека и сега ќе поминеме одлично. Сепак немаше никаква премисла. Така се погоди”, ни изјави музичарката. Денис Илиоски од продукциската куќа “Авалон” на вчерашната средба со новинарите информира дека веќе се работи на тоа “Македонско девојче 2” да се промовира и во странство.
“В година ќе бидеме фокусирани на тие активности. Во преговори сме со издавачката куќа. Но кога ќе дојде време, ќе ве информираме”, истакна тој. Илиоски додаде и дека планираат големата арена “Борис Трајковски” да ја приспособат за потребите на музичкиот материјал, кој е поинтимен.
Гочева изминативе денови одржа концерти и во Битола и Охрид, кои минале во одлична атмосфера и во целосно полни сали. Таа во февруари годинава го промовира албумот “Македонско девојче 2”. Тогаш одржа шест концерти во Македонската опера и балет.
Извор: Дневник
