Групата Културно Уметнички Работници ќе ја одбележи 15-годишнината од своето формирање со концерт на 20-ти ноември, во рамките на фестивалот Cinedays, во Младинскиот културен центар. Пред концертот, со почеток во 21 часот, во Киното Фросина премиерно ќе биде прикажан документарниот филм “Денот да е радосен” за историјата на К.У.Р. Филмот е во режија на Љубица Поповска и во продукција на Award Film & Video и Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА.
“Постојано наоколу се потенцира прашањето дали е панкот мртов? Што е панк и дали овој или оној е доволно панк? “Денот да е радосен” е филм во вид на доказ за постојаното инаетење на неколку музички поединци да нe навлезат во кошот наречен музика за некаква намена, со некаков жанр, за некаква цел, за некаков надоместок. Преку бендот Културно Уметнички Работници како главни протагонисти во овој документарен филм се открива една интимна конверзација на дел од најбитните ликови на македонската алтернативна музика”, велат за филмот од продукцијата.
Покрај ова, Работниците својот јубилеј го одбележуваат и со нов петти по ред албум “Мит ми комен” (Mit me komen) кој веќе е достапен за бесплатно превземање. На албумот свират и пеат: Мирослав Тодоровски – Вокал, Трајче Митрески – Гитара, Вокал, Марјан Китановски – Гитара, Вокал, Усна хармоника, Гајда, Jaw Harp, Божо Вучиниќ – Гитара, Вокал, Владимир Стојчевски – Бас гитара, Андреј Анастасов Еди – Тапани (1-8), Слободан Хаџи Илиев – Тапани (9-13), Дарко Поповски Блуз – Клавијатури (3, 13, 14). Музиката, текстовите и аранжманите се на Културно Уметнички Работници, цртежот на омотот е на Марко Георгиевски. Албумот е сниман во студиото “Кај Трајче”, а како музички продуценти се јавувааат Трајче Митрески и Дарко Поповски Блуз.
Подготви: Редакција Музика24
