Составот “Љубојна” реши да ја заокружи оваа 2016-та година со новиот материјал насловен “Радио Љубојна”, кој всушност значи и одбележување на 15 годишнината од постоењето на групата. Новиот материјал е составен од 8 авторски композиции, сите со различна етно конотација интерпретирани од “Љубојна”, а во придружба на познати имиња од македонската музичка сцена, меѓу кои и Џамбо Агушев, Васил Хаџиманов, Исмаил Лумановски… и други.
Досега во својот 15 годишен музички опус, “Љубојна” имаат издадено девет албуми, а нивен авторски потпис стои зад преку 70 театарски и филмски проекти. Во 2011-та година составот го добива епитетот Brass Fantasy и станува сензација која спојува различни возрасни генерации со различни музички вкусови, допирајќи до срцата на многу луѓе. Имаат одржано преку 300 концерти ширум светот, а добитници се на голем број награди, меѓу кои: “Најдобра музика” на театарскиот фестивал “Војдан Чернодрински” (2002), “Златна Бубамара на популарноста” за група на годината (2015/2016), “Златна Бубамара на популарноста” за музички спот на годината (2016), како и “Супербренд” на годината (2015/2016).
Подготви: Христина Секуловска
