Музика на кирилица

Влатко Стефановски во друштво на кремот на британскиот театар и филм

На 29-ти јануари оваа година, нашиот Влатко Стефановски ја имаше честа да настапи на хуманитарен концерт по повод 80-от роденден на големата британска актерка Ванеса Редгрејв. Овој настап е на покана од нивниот долгогодишен заеднички пријател Раде Шербеџија. Оскаровката Ванеса Редгрејв е познат активист, хуманираец и пред се голем актер. Во својата долга театарска и филмска кариера има настапувано рамо до рамо со најголемите светски актерски имиња.

Таа на својот роденден, во Ројал Корт театарот на едно место ја собра британската уметничка елита, а меѓу нив и Влатко Стефановски кој со својот настап заедно со Раде Шербеџија а потоа и со една соло изведба ги воодушевил присутните.

“Ми беше големо задоволство и чест да настапам на хуманитарниот настан по повод 80 роденден на големата филмска дива Ванеса Редгрејв. На прославата се собра кремот на британскиот театар и филм, кој се натпреваруваше во оддавање почит кон нејзината уметничка и хуманитарна работа и кон нејзиниот опус и живот. Мојот настап и настапот со Раде Шербеџија беа наградени со стоечки овации. Гала во вистинска смисла на зборот”, вели Стефановски.

Честитки за нејзиниот роденден преку видео бим пристигнале од Мерил Стрип, Дастин Хофман, Анет Бенинг и многу други, а меѓу присутните таа вечер биле и Франко Неро, Лајам Нисон, Ралф Фајнс, Бенедикт Кумбербеч, Бјанка Џегер и многу други. Актерката Ванеса Редгрејв и покрај нејзината прифесија е позната по тоа што не сака многу да се експонира во јавност, но затоа како спомен од овој голем настан на Влатко Стефановски ќе му останат дружењето и фотографиите со многу познати личности.

Подготви: Марија Поповска

Можеби ќе ве интересира: