Популарната македонска етно-група “Љубојна” минатата година прослави 15 години постоење на музичката сцена и го објави најновиот албум “Радио Љубојна”. Пред два дена ја доби наградата за најдобра етно-група на јубилејното 20-то издание на “Златна Бубамара на популарноста”, а веќе утре 23-ти февруари во “Домот на синдикатите” ќе го има својот прв концертен настап во Белград, соседна Србија.
“Ова е прво претставување на “Љубојна” во Белград и воопшто пред српската публика со целовечерен концерт, така што на овој начин нашиот звук започнува да се шири и во тој правец, со акцент на нашиот нов албум “Радио Љубојна”, кој неодамна го промовиравме. Белград е возбудлив за “освојување” затоа што има простор за многу нови настани и музика, но пред се, е интересен како музички пазар. “Љубојна” има звук кој е независен и кој има универзална порака, разбирлива ширум светот, така што со големо нетрпение, возбуда и радост ќе споделиме и со тамошната публика”, вели Вера Милошевска-Јосифовска, вокалната солистка на “Љубојна”.
Сите нивни концерти се различни, но сите се во манирот на “Љубојна”, во полна рокерска енергија и богат етно-звук. Гости на нивниот белградски концерт ќе бидат Влатко Стефановски, Васил Хаџиманов и Џамбо Агушев со кои атмосферата на сцената станува екстатична.
Инаку, албумот “Радио Љубојна” го сочинуваат осум авторски композиции, сите со различна етноконотација кои се интерпретирани од “Љубојна” во придружба на познати имиња од македонската музичка сцена, меѓу кои и Џамбо Агушев, Васил Хаџиманов, Исмаил Лумановски и други. Албумот е произведен во музичката продукциска куќа “Баиро закон корпорејшн” и се карактеризира со автентичен музички стил изграден преку негување на македонскиот музички етнос, во комбинација со различни музички стилови. Во својот 15 годишен музички опус, групата “Љубојна” има издадено девет албуми, компонирале музика за над 70 театарски и филмски проекти, имаат одржано над 300 концерти низ светот.
Подготви: Дениза Илиевска
