Како што веќе информираа од Авалон продукција, Hardwell и Afrojack официјално ги најавија нивните настапи на претстојниот фестивал “Ohrid Calling 2017”, кој ќе се одржува на 01-ви и 02-ри август, на стадионот “Билјанини извори”. Тие за прв пат доаѓаат во Македонија, како хедлајнери на фестивалот, кој иако годинава ќе го има своето второ издание, веќе стана препознатлив бренд во Македонија и во регионот.
Afrojack е еден од најтиражните изведувачи на дeнешницата, а воедно можеби и највлијателниот диџеј и продуцент. Неговото доаѓање во Македонија со нетрпение се очекуваше во целиот регион, а ова ќе биде и единствениот негов настап на овие простори. Зад себе има Греми награда, а неколку години по ред, како и годинава, се наоѓа во топ 10 најдобри диџеи според сите релевантни диџеј листи.
Високотиражниот хитмејкер Hardwell, пак, со години е во топ 3 најдобри диџеи на светската ранг листа, а воедно е и најмладиот на кој тоа му пошло од рака. Директните преноси на спектакуларните настапи во живо со кои Hardwell едно по друго ги освојува најголемите фестивалски бини на планетата, заедно со спотовите и видеоблогот на YouTube, вкупно имаат повеќе од милијарда прегледи. Станува збор за досега незабележан случај на успех на електронската сцена, но и феномен кој одекна во светската музичка индустрија.
Како што велат организаторите, специјален гостин на настапот на Afrojack на 01-ви август ќе биде Ravitez, додека на настапот на Hardwell на 02-ри август, ќе бидат познатите имиња Kill the Buzz и Dante Klein. Билетите за фестивалот “Ohrid Calling 2017” се во продажба преку продажната мрежа на kupikartizase низ цела Македонија, Југотон и онлајн на веб страницата на ККЗС, по цена од 1000 денари – партер, 1.500 денари – фан пит, 1.500 денари – вип и 2.000 денари ултра вип. Во продажба се пуштени и блок влезници за двата фестивалски дена кои чинат 1.500 денари за партер и 2.000 денари за фан пит.
Подготви: Марија Поповска
