Од 7-ми до 9-ти јули по 43-ти пат во Прилеп и Долнени ќе се одржи Фестивалот на народни песни и инструменти “Пеце Атанасовски”. На фестивалот ќе учествуваат над 350 учесници од земјава и странство. Предвидено е од 5-ти до 7-ми јули да се одржи семинар и работилница на која ќе се изучуваат изворни инструменти и песни под менторство на тројца еминентни предавачи.
Фестивалот официјално ќе биде отворен на 7-ми јули во 21 часот со изведба на сценско – музички перформанс насловен како “Традицијата оживува” кој ќе се одржи на камената бина во центарот на Прилеп. Во 18.30 часот на 8-ми јули, кога ќе биде и првиот официјален натпреварувачки ден, свечено ќе биде отворен и новиот амфитеатар во месноста “Рудина” во Општина Долнени. Вториот официјален натпреварувачки ден ќе биде на 9-ти јули кога и ќе бидат врачени наградите за најдобрите.
За прв пат фестивалот е одржан во 1974-та година по иницијатива на Пеце Атанасовски, етномузикологот Илија Лашкоски и други ентузијасти. За овие 42 години на него учество земале над 10.000 инструменталисти од Македонија и странство.
Подготви: Дениза Илиевска
