После првата, историска победа на популарниот европски фестивал, Португалија за првпат ќе биде домаќин на Евровизија, а без никакво изненадување, градот во кој ќе се одржат трите фестивалски вечери е престолнината Лисабон, додека сцената ќе биде поставена во најголемата арена во земјата, “МЕО”. Веста беше споделена со кусо видео на официјалниот евровизиски канал на Јутјуб, а двете полуфинални вечери се закажани за 8-ми и 10-ти мај, додека големото финале ќе се случи на 12-ти мај 2018 година.
Карактеристична по тоа што нејзините претставници секогаш пеат на мајчин јазик, Португалија годинава првпат триумфираше на фестивалот после половина век учество, а главниот виновник за тоа беше Салвадор Собрал, чија балада “Amar pelos dois” ги освои срцата на европската публика. На победничкиот настап, тој ја делеше сцената со неговата сестра и авторка на песната, Луиса Собрал.
Подготви: Марија Поповска
