Унгарскиот пијанистички виртуоз Питер Бенс, кој го освои интернетот со своите аранжмани на хитовите на Мајкл Џексон, Квин и Сиа собирајќи повеќе од 200 милиони прегледи, на 31-ви мај ќе гостува во Македонија. Новата пијанистичка сензација ќе гостува во рамки на програмата за одбележување на јубилејниот 20-ти “Таксират”, а неговиот концерт ќе се одржи во Македонска Филхармонија во Скопје.
Бенс или младиот пијанист, композитор и продуцент е новата голема ѕвезда на музичкото небо кој ги распродава концертите секаде ширум Европа и кој во 2012-та се запиша во Гинисовата книга на рекорди како пијанистот со најбрзи прсти. Од класична до филмска музика, од рок до поп, од Бах до Битлси, овој генијален музичар со својата енергична и експресивна изведба ги руши сите бариери помеѓу класичната и модерната музика. Својот музички пат го започнал на возраст од само две години, на клавирот на неговиот дедо, свирејќи по слух мелодии од своите омилени анимирани филмови. На седум години ја напишал својата прва композиција, испирирана од Моцарт и Шопен, а веќе на 11 години го претставува и својот прв солистички албум. Во тинејџерските години почнал да покажува голем интерес за филмската музика, особено за музиката на Џон Вилијамс – познат по саундтракот за “Војна на Ѕвездите”, кој за Питер отвора сосема нов свет во кој потоа и самиот ќе се пронајде.
Сензацијата на овој млад пијанист е во неговата врвна клавирска техника неверојатниот талент и скромноста. Влезниците за концертот на Питер Бенс веќе се достапни во продажба и тоа преку продажната мрежа на МК Тикетс и онлајн.
Подготви: Влад Петров
