Фестивалот “Таксират” годинава го одбележува своето јубилејно 20-то издание, а прославата за 20 години алтернатива во Македонија стигнува и во рамки на престојното издание на фестивалот за феминистичка култура и акција “Прво па женско” кој ќе се одржува во МКЦ од 3-ти до 6-ти мај. Како резултат на оваа соработка на “Таксират” и организацијата “Тиииит! Инк”, во Скопје ја пречекуваме американската пејачка со светско реноме, феноменалната Акуа Нару (Akua Naru). На концертот за затворање на “Прво па женско”, на 6-ти мај (недела) во МКЦ за прв пат кај нас, македонската публика ќе има прилика да ја чуе во живо една од водечките женски хип-хоп вокали.
Нејзината музика претставува комбинација на хип хоп, џез и соул. Себе си се опишува како политичка хип-хоп уметница и активистка. Нејзиниот звук го споредуваат со flow-то на Раким, поетиката на Лорин Хил и конечно, во единствената моќ да говори во име на афро-американките, со Нина Симон. Акуа храбро јо комбинира “новата” и “старата” школа, бранејќи ги своите ставови со уникатни метафори.
Акуа Нару зад себе има три албуми: “The journey aflame”, “Live and aflame sessions”, “The miner’s canary”, како и ширум светот познатите хитови: “Poetry: How does it feel?” и “The world is listening”. Со објавувањето на деби-албумот “…The journey aflame”, Нару се позиционираше на музичката сцена како пример на тоа што жените можат да бидат во хип-хоп музиката. За овој албум пишуваа многумина познати хип-хоп критичари, од Њујорк до Москва. Синглот “The world is listening”, продуциран заедно со JR & PH7, набрзо се најде на првото место на листата на американското колеџ радио, се вртеше по радиостаниците во Франција и Германија и се продаваше по продавниците за плочи од Париз до Токио… дефинитивно светот го слушаше “…The journey aflame”. Со продукција на која се потпишаа некои од најважните имиња на германскиот хип-хоп, како продукциската куќа TheDrumkidz, JR & PH7, 7inch и други, албумот го заслужи своето место во хип-хоп историјата, а Нару покажа дека нејзиниот пат не само што се вивна во врвовите, туку допрва блеснува во сиот свој сјај.
И додека светската сцена го очекува објавувањето на нејзиниот нов албум “The blackest joy” закажано за 27-ми април, во рамки на истоимената турнеја со која оваа пролет таа гостува во светските метрополи, вистинска привилегија е извонредната Акуа Нару да ја пречекаме и во Скопје, на 6-ти мај во рамки на “Прво па женско”.
Подготви: Редакција Музика24
