По цели 22 години од албумот “Box”, Last Expedition се враќаат со нов сингл. Песната “Hey Ho”, авторски ја потпишува Енко, аранжманот е на бендот, а истата е снимена во студиото “Тра-ла-ла” на Мите Димовски. За оваа прилика, Last Expedition се појавуваат во освежен состав, во кој се: Енко (вокал), Сецко (гитара), Салпе (гитара), Драган Стојковски (бас) и Сашко Костов (бубањ). Во студиската сесија, басот го сними Славчо Пеев.
“Новиот сингл на Последната експедиција е вистинско освежување на домашната, веќе повеќе години анемична музичка сцена. Модерна, како за новото време, а повторно се работи за оној стар, добар Expedition, каков што некогаш во 90-те, го знаевме. Нешто како враќање… Во иднината”, велат од групата. Експлозивниот видео-спот беше снимен во студиото “Prolight”. Во неговата реализација учествуваа Горан Наумовски како камерман, и Дарко Антоновски кој потпишува режија и монтажа.
Last Expedition еден од најголемите македонски алтернативни рок состави е оформен во 1986 година во скопската населба Ѓорче Петров. До сега имаат реализирано три студиски и еден албум снимен во живо: “Intro” (1993), “Изгубени ликови” (1994), “Box” (1997) и “Live – A1TV Exic” (2001). Како најголемите хитови на Last Expedition се: “Песната за песот”, “Далеку си”, “Ќељав дабар”, “Шефе”, баладата “Не е важно…” и многу други.
