Јубилејот 50 години диско живот во Македонија ќе биде одбележан на претстојната голема ретрозабава “Forever Young”, што во организација на Милорад Цаиќ-Цајо ќе се одржи утре вечер во ВИП арената “Борис Трајковски”, со почеток во 21 часот. Преземајќи го името на настанот од големиот хит на германската група “Алфавил”, Цајо останува доследен на својата животна филозофија.
“Името на оваа песна ме асоцира на она што секој човек го посакува: додека во срцето се чувствуваме млади, никогаш нема да остариме. Да ги заборавиме годините, да останеме вечно млади и в петок да се журкаме на најголемите хитови од 1970-те, 1980-те и 1990-те години”, порача Цаиќ.
Јубилејот се однесува на отворањето на првата дискотека во Скопје, “Технометал”, во 1969 година. Цајо не ги вклучи DJ-те од тоа време во својата музичка програма, но затоа не ги изостави првите дами на ретрозабавите, Вера Јанковиќ и DJ Цена. Покрај нив ќе настапат и ди-џеите Баџо, Ерик Фокс, диџеј Струја, Бабура Јуниор и диџеј Дајнамајт.
