Во рамките на 40-то издание на “Скопско лето”, кое всушност вечерва и официјално стартува со голем концерт на отворено, односно, на плоштадот “Мајка Тереза” со почеток во 21.30 часот, до крајот на месец јули сите Вие кои живеете во Скопје, а секако и сите оние кои на овој или оној начин ќе престојуваат во градот, ќе имаат можност низ разни културно-забавни настани да се забавуваат и да си поминат убави летни и секако незаборавни вечери во главниот град на Македонија.
Освен свеченото и главно отворање кое вечерва ќе се случи, организаторите најавуваат и други настани. Па така, во понеделник 24-ти јуни, “Скопско лето” Ви ги најавува експлозивните, енергични и врвни “Калашима”, еден од најатрактивните бендови во Италија.
Овој бенд како што и самите велат, е составен од шест пријатели израснати со мелодиите и хипнотичките ритми на магичниот ритуал на Таранта, кои повторно ја изменуваат традицијата со дива мешавина на електронски и лисергични ритми и оригинални мелодии во фолклорен амбиент.
Во бендот членуваат: Рикардо Лагана: дајре, перкусии, вокал, Лука Букарела: хармоника, усна хармоника, вокал, Федерико Лагана: дајре, рик, бендир, тар, тарабука, канџира, џембе, кахон, сет тапани, вокал, Масимилијано Де Марко: гитара, бузуки, вокал, Рикардо Басиле: бас гитара, синт бас, вокал, Алдо Иеца: џампоња (италијанска гајда), флејта, флагола, шавм, зафон, вокал.
Овој концерт е во соработка со Амбасадата на Република Италија во нашата земја и “OFFest”. Продажба на билети на влезот на Сили Ан, пред одржувањето на концертот по цена од 200 денари. Доколку има невреме, организаторите велат дека концертот ќе се оддржи во Киното “Фросина”.
