Утре 29-ти јуни сабота, ќе се оддржи 18-то издание на фестивалот “Канеофест” кој што традиционално се оддржува во Охрид, оваа година новитет е тоа што фестивалот ќе го отвори ексклузивната и специјална гостинка од соседна Србија, оперската светска дива Зорица Белиќ која што пред присутната публика ќе има уникатна изведба на италијански канцони, како и македонски традиционални песни.
Годинава фестивалот ќе се оддржи на просторот до ТЦ “Амам”, наспроти “Македонска пошта” со почеток во 20 часот. Оваа година на сцената на “Канеофест” ќе се натпреваруваат вкупно 28 учесници во поп и фолк делот на фестивалот, со новосоздадена песна за првпат изведена кај нас.
“Благодарение на добрата промоција и успешноста на работата на тимот на фестивалот, оваа година добиваме и меѓународен карактер со тоа што ги прошируваме нашите хоризонти и на земјите соседи (Р. Србија и Р. Бугарија), од каде има пријавено учесници со што фестивалот добива меѓународен карактер”, велат организаторите.
Во ревијалиот дел на фестивалот ќе настапи добро познатиот музичар, продуцент и композитор Горан Милошевски. Учесниците ќе бидат наградувани од стручната жири комисија (составена од музички имиња, меѓукои и екипа од музичкиот портал Музика24), како и ќе биде ценето мислењето на публиката. И оваа година организатор на фестивалот е Телевизија Морис.
