Со свечено дефиле низ улиците на градот и презентација на традиционалните носии и везови од државите што ги претставуваат играорците, во Крива Паланка започна 15- от Интернационален фолклорен фестивал “Св.Јоаким Осоговски”. На градскиот плоштад од вчера вечер до понеделник ќе продефилираат околу петстотини фолклористи од Белгија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Бугарија, Турција и Македонија, претставувајќи се со традиционални игри и ора автентични за краевите и регионите од каде доаѓаат. Гостин на првата фестивалска вечер беше градоначалникот на збратимената општина Самбервил од Белгија, Жан Чарлс Луперто.
“Почитувани гости и учесници, драго ми е што некои од вас ги гледам и по десетти пат, зашто фестивалот годинава одбележува мал јубилеј, а вашето присуство го збогатува ова фестивалско издание. Велат, вредите толку колку што пријатели имате, а овој колорит од знамиња говори дека имаме толку многу пријатели кои не почитуваат и заслужуваат почит. Денес пристигнав од збратимената општина Млава, Полска, каде потпишавме меморандум за мир со градоначалници на пет држави, заветувајќи се на взаемно почитување, мир и соработка, она што е перспективата на овој свет. Со овој фестивал градиме иднина, трајни вредности и пријателства”, рече градоначалникот на општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски.
Фестивал го организираат општина Крива Паланка и националната установа Центар за култура Крива Паланка, со поддршка од Министерството за култура.
“Вдахновени од закрилникот на градот Св.Јоаким Осоговски и најрепрезентативниот објект манастирот, ние на фестивалот што го носи името на светецот три дена торжествено ќе славиме низ игра и песна, со тридневна програма ќе патуваме низ традицијата на Балканот и дел од Европа. Фолклорот не зближува и обединува, низ мир и задоволство нека ечи песна, да заигра душа”, истакна директорката на НУ Центар за култура Крива Паланка, Мира Ѓоргиевска.
Втората фестивалска вечер е денес и истата ќе започне со дефиле од ул.”Херој Карпош” во населбата Бавчалак во 18 часот, а програмата на Градскиот плоштад е од 19 часот.
