Традиционално и оваа година, по четвртти пат, во организација на Асоцијацијата на готвачи и шефови на кујни од Македонија ќе се оддржи најголемото интернационално кулинарско натпреварување “Гастромак”. Овогодинешното издание ќе се случува во Охрид, од 10-ти до 14-ти октомври под мотото: “Don’t Worry, Be Ohrid!” (“Не се грижи, биди Охрид!”).
На денешната прес-конференција, Претседателката на Асоцијацијата на готвачи и шефови на кујни од Македонија, Андријана Алачки, пред новинарите го најави почетокот на големиот интернационалн кулинарски настан, а воедно ја опиша и објасни програмата што и како ќе се случува за целовреме траење на “Гастромак”.
“На “ГастроМак 2019″ е најавено присуство на над 300 учесници – натпреварувачи од 30 земји: Дагестан, Азербејџан, Русија, Кореја, Италија, Франција, Украина, Турција, Албанија, Србија, Хрватска…, па дури и од Сибир, потоа – над 90 лиценцирани WACS судии, гастрономски амбасадори и почесни гости од сите краишта на планетата”, изјави Претседателката на “ГастроМак”, Адријана Алачки.
Почнувајќи од 10-ти октомври, кога со големо дефиле на учесниците, судиите, мастер предавачите…, официјално ќе се отвари “Гастромак 2019”, па се до гаснењето на рефлекторите – на 14 октомври, ќе има што да се види и вкуси, бидејќи организаторот подготвил интересни и едукативни содржини, натпревари и програма за сите вкусови и генарации.
Всушност, се ќе се одвива на два “фронта” – учесниците ќе се натпреваруваат во хотелот “Нова Ривиера”, а во вториот дел – пред хотелот, ќе се случуваат презентации за сите гурмани од нашата, но и од од другите интернационални кујни.

Еден од настаните што не треба да се пропушти е Фиш фест на Дон Давид, (BBQ FISH FESTIVAL DON DAVID), што ќе се случува на 12-ти октомври, настан во настан, кога судиите, 10 “Мишелин ѕвезди” ќе приготвуваат скара за присутните.
Од “ГастроМак” најавуваат дека натпреварот е логистички поддржан од WACS – (World Association of Chefs Societies), Светската организација на шефови на кујни, асоцијација која што ги обединува националните кулинарски здруженија од преку 150 држави во светот. Токму затоа, целта на Асоцијацијата е да се грижи за богатата традиционална култура на нашето, македонското поднебје, и “да ги промовира едукативните процеси кај готвачите и да воведе светски кулинарски трендови во чекор со современата македонска кујна”, информираше шеф Љупчо Гиевски.
На средбата со новинарите беше објавен годинешниот претседател на судскиот тим – познатиот Стево Карапанџа, гастрономски гуру, кој оставил толку многу багаж зад себе, па и по скоро 50 години, предизвикува почитување.
“Имате доволно причини да бидете дел од “Гастромак” приказната – а ние заедно со Општина Охрид, со Хотелот “Нова Ривиера” ќе се потрудиме да го оправдаме признанието – најдобар натпревар во Југоисточна Европа”, заврши шефот Весна Тодоровска- Алачковска.
На крајот од прес-конференцијата, Претседателката на Асоцијацијата на готвачи и шефови на кујни од Македонија, Андријана Алачки упати голема благодарност до новинарските екипи кои неуморно и несебично секогаш навремено известуваат за овој голем настан, таа на неколку наврати го потенцираше тоа, што на крајот резултираше со селфи фотографија со присутните новинари.
