Феноменот наречен “Дедо Мраз” е еден од ретките што преживеал со векови и го зафатил целиот свет. Згора на тоа, од година во година, овој феномен, поточно неговиот главен лик, добриот дедо со бела брада, се здобива со популарност и во најдалечните краишта од Земјината топка.
Името и изгледот на овој дедо варира од култура до култура, но се верува дека денешниот поим “Дедо Мраз” се должи на претхристијанските верувања на германските и словенечките народи, кои, со покрстувањето го поврзуваат овој феномен со христијанскиот светец Свети Никола.
Приказната вели дека тој бил голем добротвор кој го раздал на сиромашните целото свое богатство и имот, а тој, предводен од својот чудесен глас, тргнал да ја шири верата, правдата и милоста меѓу луѓето. Може да се каже дека Свети Никола е далечниот предок на денешниот Дедо Мраз. Првите записи на овој светец, епископ и благонаклоник со потекло од Мала Азија, датираат од IV век од нашата ера.
Свети Никола, кој бил облечен во црвена мантија, им делел облека, храна и пари на децата, сиромашните и болните. Иако потекнувал од денешна Турција, холандската приказна го поврзува со Шпанија од каде дошол со брод до нивните брегови и домови. Свети Никола делел подароци на неговиот ден (празникот Свети Никола), но со време дарувањето се приближило до Нова година.

Постојат многу приказни и легенди за Дедо Мраз. Секоја нордиска земја тврди дека Дедо Мраз е нејзин “жител”.
Норвежаните се убедени дека Дедо Мраз “живее” во Дробак. Во Данска се вели дека Дедо Мраз живее на Гренланд. Во Русија, официјалниот дом на Дедо Мраз е во Велики Устјуг. Канадската пошта, сепак, тврди дека адресата на Дедо Мраз е во нејзина надлежност, во куќата чиј поштенски код е {H0H 0H0}. Американците отишле најдалеку и нарекле еден од нивните градови на Алјаска со официјално име Северен Пол, потврдувајќи го “познатиот” факт дека Дедо Мраз живее на Северниот Пол. Во градот има и туристичка атракција наречена “Куќата на Дедо Мраз”. САД го користи поштенскиот код 99705 како единствен поштенски код за местото каде “живее” Дедо Мраз. Сепак, најприфатената теорија на глобално ниво е дека тој “живее” во Лапонија, провинција во северна Финска.
