И покрај тоа што сите ние мислевме дека пополека ќе се вратиме во нормала и дека се ќе биде во ред, поради зголемите бројки на заразени од коронавирусот (а тоа е посебна приказна зошто и поради што ни се случува повторно и повторно истото во круг), една од најдобрите, ако не и најдобрата македонска продукциска куќа – Авалон продукција, најавува дека доколку некои работи за скоро и брзо време не се регулираат во Македонија, а се однесуваат на концертите и организирањето на музички настани, тогаш Авалон продукција ќе биде приморана да стави клуч на канцелариите во Македонија и својата работа и она што најдобро знаат да го прават да го преселат во соседна Србија од каде и би фукционирале и работеле.
Утринава сопственикот на Авалон, Бобан Милошески објави статус кој целосно ви го пренесуваме во продолжение:
“Полицискиот час како полициски час не е страшен. Ќе галами народот и ќе издржиме. Барем ние што не мрзи да измислуваме по 123 трикови како да го ескивираме. Страшно е и поради тоа е цела држава во паника што се има нула визија и минус нула реализација во тоа…
Што после него? Како да се чувствувам јас да речеме?
Ние сме ги работеле во Белград: Iron Maiden, Amy Winehouse, Simply Red и барем уште 30 концерти. Авалон го донесе Bob Dylan во Белград.
И за прв пат… во градот во кој во 1970-те биле Miles Davis и Tina Turner… за прв пат ги донесе ZZ Top, Diana Krall итн…
Сега читам – концертите се вратија таму, EXIT продава карти за августовското намалено издание, а нас никој ниту не прашал како сме, ниту има план и визија како би се вратиле во бизнисот да речеме, за некој месец и пол.
Треба ли да ја преселам работата скроз таму?
Изминативе три години ја преселив скроз овде. Еј… лани во Скопје беа: Sting, Lenny, Eros, Bryan Adams. Во една година!!! Треба ли да ја преселам сега скроз таму?
Концертите се бизнис, тие се двигател и на туризмот, Авалон има барем 100 надворешни субјекти кои живеат и дел од соработката со нас. Имаме како Авалон визија како да го заживее Охрид од крај на јули, Скопје од крај на август.
Овој пост е апел! После него следи катанец. Ама… само за Македонија.
Бобан Милошески, Авалон Продукција”, напиша на својот Фејбук профил Милошески.
Дали ќе дозволиме и она малку што го имаме и кое што вреди во нашата земја да го изгубиме и другите да ги имаат сите привилегии наместо самите ние, допрва ќе дознаеме и видиме во периодот кој што следи.
Подготви: Иван Јосимовски
