Песната “Travel the world” на Владимир Четкар, од 20-ти мај се најде на музичката плеј-листа на познатиот бренд “Мекдоналдс” во Јапонија, што значи дека ќе биде пуштана секојдневно во над 3000 ресторани во земјата.
За оваа музичка плеј-листа (Japanese McDonald’s BGM / Background Music) која постои од 2010 година, внимателно се грижи посебен тим кој е задолжен за создавање на убава атмосфера во која јапонските муштерии може да се релаксираат и на кратко да заборават на брзото и стресно темпо на живот.

Видеото за “Travel the world”, Четкар го издаде после подолга пауза од неговото последно видео. На оваа тема тој се потпишува како комплетен автор на композиција, аранжман, стихови, оркестрации и продукција. Четкар ги пее водечките и придружните вокали, како и свири на гитара. Спотот е сниман во родниот крај на Четкар, отсликувајќи ги убавините на Охрид и охридскиот регион.
