Вчера вечер во театарот на античкиот локалитет Хераклеа во Битола, вистинско уживање за сите сетила приреди босанската дива на севдалинките, Амира Медуњанин. Амира со својот моќен вокал и емотивна изведба ја поведе публиката на патување низ музичките традиции на овие простори. Публиката од Битола и околните градови имаше ретка можност после неколку месеци изолација, целосно да се опушти и ужива во традиционалните песни како: “Кад ја поџох на бембашу”, “Јовка Кумановка”, “Кафу ми драга испеци”, “Јутрос ми је ружа расцветала” итн.
После секоја изведба следуваше и тоа како заслужениот аплауз, а Медуњанин постајно меѓу песните и се обраќаше на својата публика, која опуштено и возвраќаше од гледалиштето.
Целата публика, а особено повозрасните во еден глас со Амира ги пееа легендарните стихови од заедничкото музичко творештво на југословенските народи од Босна преку Србија и Хрватска до Македонија. На изненадување на сите во текот на концертот на Амира на кратко на сцената и се придружи битолската гордост, т.н. македонско девојче Каролина Гочева.
Важно е да се пофали одличната организација од страна на Авалон продукција чиј тим се погрижи за речиси беспрекорно почитување на сите протоколи за одржување.
Концертот на Амира Медуњанин и концерите во организација на Авалон продукција кои следуваат во следниов период се на особена радост на публиката. Која е желна за квалитетна музика и што повеќе концерти и културни настани кои и речиси воопшто да ги нема во летниот период што е невообичаено со конзулска Битола.
За Музика24 од Битола: Филип Етмишовски

