Музика на кирилица

Песни за душа, со староградски шмек (Фото)

Популарното музичко – актерско дуо, Александар Митевски и Драган Спасов – Дац, во петокот вечер на 14-ти август приредија прекрасна вечер на македоски, југословенски и балкански евергрини, со староградски шмек, за посетителите на античкиот театар во Охрид. Со носталгија за едни минати и поубави времиња, кога убавата музика беше фактор на обединување на балканските простори, двата моментално најпозитивни лика ги исполнија срцата на гледачите со убави парчиња музика, кои одекнуваа низ прекрасното здание.

Публиката во еден здив ги пееше легендарните: ꞌꞌКако Вардар ќе дотечамꞌꞌ, ꞌꞌ223-305ꞌꞌ, ꞌꞌДевојко малаꞌꞌ, ꞌꞌМилена, генерацијоꞌꞌ, ꞌꞌЗа она добра, стара временаꞌꞌ, ꞌꞌПјевам дању, пјевам ночуꞌꞌ, ꞌꞌУ свету постоји једно царствоꞌꞌ, ꞌꞌА, сад адиоꞌꞌ и многу други.

Дац и Александар ги изведоа и нивните популарните авторски дела ꞌꞌУште ми фалишꞌꞌ, ꞌꞌЦреши охридскиꞌꞌ, ꞌꞌКорона чаоꞌꞌ и уште неколку други песни, со кои беа вистинско освежување кај македонската публика, за време на пандемијата од Ковид-19. Посебни емоции и бурни аплаузи предизвика и изведбата на преработената песна на Зафир Хаџиманов и Сенка Велетанлиќ, ꞌꞌЉуби ме и главата гореꞌꞌ, посветена на борбата на македонските здравствени работници со коронавирусот.

Дац и Александар одлучија токму датумот 14.08 да го слават како годишнина од постоење на нивното дуо, а најавија и проект за музичка прошетка низ Балканот.

За Музика24 од Охрид: Весна Цветаноска

Можеби ќе ве интересира: