Вистински спектакал приреди легендарниот Жељко Бебек на вчерашниот концерт во Хераклеа. 75-годишниот Жељко Бебек полн со енергија, два часа без пауза ја забавуваше публиката од Битола и околината. За разлика од неодамнешниот концерт на Петар Грашо, вчера имаше само околу 650 присутни распоредени на дистанца и со маски. Бројка што е значително помала од вкупниот капацитет на античкиот театар на Хераклеа.


Маестро Бебек и неговиот бенд ја кренаа публиката на нозе, која пак во еден глас ги пееше сите песни од богатата кариера на Бебек. Како хитовите на “Бијело Дугме”, така и нумерите од соло кариерата на Жељко.
Хитовите како “Заборави ако можеш”, “Селма”, “Опрости ми што те волим”, “Кучка невјерна”, “Тако ти је мало моја кад љуби босанац”… се редеа една по една. Жељко го заврши концертот со “Лаку ноч свирачи”, за публиката веднаш едногласно да го врати на бис.
Авалон продукција како и секогаш беа на висина на задачата, со одлична организација и целосно почитување на протоколот за организирање на јавни настани. На самиот влез на сите посетители им се мереше температура и им се дезинфицираа рацете, а редарите го регулираа протокот преку посебни влезови за гледалиштето.
За Музика24 од Битола: Филип Етмишовски
Фото и Видео: Музика 24 / Ивона Кочов
