Во прв ред

Незаборавна вечер со „Бајага и Инструктори“ во Скопје (Фото+Видео)

Некогашниот секс симбол на Југославија, вечното момче Момчило Бајагиќ – Бајага, заедно со неговите „Инструктори“ вчера вечер приредија незаборавна атмосфера со своите незаборавни хитови. Вчерашниот концерт на Бајага на стадионот на АРМ беше последниот во низата од 11 концерти за оваа летна сезона, во организација на Авалон продукција одржани во само 40 дена.

Со концертот „Бајага и Инструктори“ вчера и во Македонија концертно го одбележаа големиот јубилеј – 35 години кариера. Како што напомена и славниот Бајагиќ, ова е прв концерт на овој рок состав надвор од Србија после паузата предизвикана од пандемијата. Атмосферата пред настапот на главните ѕвезди на вечерта ја загреваше скопскиот клавијатурист и кантавтор Љупчо Стефановски, познат како Stevie Rhodes.

Сите песни создавани низ претходните 35 години, публиката во Скопје ги пееше во еден глас. На сет листата се најдоа 30-тина познати нумери помеѓу кои „Добро јутро“, „442“, „Живот је“, „Другови“ итн. Како што беше најавено покрај „Инструкторите“ на сцената беа и гудачи од Македонската филхармонија и хорот „Св. Злата Мегленска“ со Наде Талеска, а под диригентска палка на маестро Војкан Борисављевиќ. И покрај 2 часа одлична забава, публиката беше желна за уште музика и ги врати “Инструкторите“ на бис.

ФОТО: Стефан Рајхл

Составот кој речиси воопшто не се менувал низ децениите приреди вистински спектакл и уживање за публиката во пријатната летна вечер во Градскиот парк во Скопје. Како и секогаш помеѓу песните легендарниот Живорад Миленковиќ – Жика ја забавуваше публиката со своите досетки.

https://www.facebook.com/bajaga.official.page/videos/628182321214830

https://www.facebook.com/bajaga.official.page/videos/1409783949226239

Како се одвиваше 2020-та година до средината на летово, сите се помиривме дека оваа година нема да имаме многу забава и убави вечери исполнети со музика и уметност. Но Авалон продукција како вистински лидер во своето поле ни го разубави и раздвижи летово со концертите во Битола, Охрид и Скопје.

ФОТО: Стефан Рајхл

Подготви: Филип Етмишовски

Можеби ќе ве интересира: