Вчера вечер со операта „Севилскиот берберин“ во изведба на солисти, оркестарот и машкиот хор на Македонската опера и балет се отвори 29-то издание на интернационалниот фестивал на класичната музика „Интерфест“ – Битола.
Фестивалот за отворен го прогласи уметничкиот директор на фестивалот, пијанистката м-р Милица Шперовиќ – Рибарски. Домаќинот на концертот, Н.У. Центар за култура – Битола, како и секогаш беше одлично организиран за целосно спроведување на протоколите за одржување јавни настани. Големата сала со капацитет од 840 седишта сега може да прими само 250 посетители. За жал и овој капацитет од 30 % не беше целосно исполнет. Свеченото отворање на фестивалот и реткото гостување на Македонската опера и балет сепак не ја привлекоа публиката од Битола, но и претставниците на институциите на локално и национално ниво. Можеби главна причина за малата посетеност и покрај бесплатните влезници е слабиот маркетинг на фестивалот.
Малата но одбрана публика на свеченото отворање уживаше во концертната изведба на култната опера на Џоакино Росини. Со изведбата диригираше маестро Иван Еминовиќ, а настапија Билјана Јосифов (Розина), Маријан Јовановски (Фигаро), Дејан Стоев (Гроф Алмавива), Злата Тошевска (Берта), Владимир Саздовски (Дон Базилио) и Невен Силјановски (Дон Бартоло).
Иако сите солисти беа на врвот на задачата во изведбата, доминираа басот Владимир Саздовски и сопранот Билјана Јосифов кои заслужуваат посебна пофалба.
Вчерашниот концерт повторно ги потсети битолчани колку уметност и убави културни настани пропуштаат поради централизираноста на операта, балетот и филхармонијата во главниот град. Да се надеваме на почести гостување на Македонската опера и балет, но и Македонската филхармонија во Битола и ширум земјава.
За Музика24 од Битола: Филип Етмишовски



