Овогодинешното, 21-во издание на фестивалот „Есенски музички свечености“ ќе биде посветено на домашните уметници, а ќе се одржи согласно здравствените протоколи за заштита од КОВИД-19.
Програмата ја подготви Дирекцијата за култура и уметност на Скопје а планирани се настапи на државните институции, како и повеќе камерни концерти.
Официјалното отворање на „Есенски музички свечености “ ќе биде одбележано со Гала оперски концерт на Националната Опера и Балет на 4-ти ноември со почеток во 20 часот. На концертот ќе настапат солистите, хорот и оркестарот на НОБ под диригентската палка на Иван Еминовиќ. Следниот настан кој е најавен е концертот на Гордана Јосифова Неделковска – обоа, со гостите Влатко Стефановски – гитара, Страшо Темков – флејта Елена Атанасовска – Ивановска – пијано и Инес Неделковска – пијано. Концертот ќе се одржи на 6-ти ноември, во салонот на Националната Опера и Балет, со почеток во 20 часот. Покровители на настанот се Министерството за култура и Град Скопје, со поддршка од Националната Опера и Балет, Филхармонијата, Ансамблот за народни игри и песни на Северна Македонија „Танец“, Домот на АРМ и уметниците кои се бидат дел од „Есенски музички свечености“
Од Дирекцијата соопштуваат дека целосната реализација на програмата ќе зависи од тоа како ќе се развива здравствената состојба во земјава и според протоколите кои ќе бидат донесени од државните органи. Затоа програмата ќе биде сукцесивно и навремено објавувана во текот на ноември.
