Српскиот турбофолк пејач Џеј Рамадановски кој почина вчера во Белград на 56 години, за неколку дена ќе биде погребан во Алејата на заслужните граѓани на Новите гробишта во Белград. Барањето за погреб на Џеј во почесната алеја дојде од движењето “Опре Рома”, а беше прифатено од градоначалникот на Белград.
Алејата на заслужни граѓани е формирана во 1965 година и е наменета за погребување на лица со исклучителни заслуги за заедницата. Во Алејата досега се погребани голем број на великани и познати личности. Меѓу нив се актери како Ружица Сокиќ, Милена Дравиќ, Драгомир Бојаниќ – Гидра, Драган Николиќ, култните писатели Милош Црњански, Данило Киш, нобеловецот Иво Андриќ итн. Изминативе неколку години се нижат реакции на одлуките тука да бидат погребани личности од естрадата како Шабан Шаулиќ, Исидора Бјелица и сега Џеј.
За многумина ова претставува девалвирање на вредностите и естрадизација на оваа почесна парцела. Реакции имаше и за погребот српскиот политичар Оливер Ивановиќ и на 22-годишен студент по физика кој живее во САД, а кој освоил медал на светски натпревар.
