Во прв ред

Спектакуларно затворање на “Аква Парк Фест” со Пол Ван Дајк

За љубителите на врвната електронска музика “Аква Парк Фест” најавува исклучително посебна ноќ. Легендарниот диџеј и продуцент Пол Ван Дајк (Paul Van Dyk) човекот кој светски реномираn DJ магазин два пати го прогласи за број еден помеѓу 100-те најдобри DJ на свет ќе настапи на “Аква Парк Фест”. Еден од првите супер-стар диџеи, денес е еден од најзначајните луѓе во историјата на електронската денс музика со шест студиски албуми продадени во повеќе од 4.5 милиони примероци.

На “Аква Парк Фест” тој со својот лајф настап ќе ја претстави чудесната мулти жанровска подиумска музика, а на оваа единствена аудио вечер, Пол Ван Дајк ќе приреди спектакуларно затворање на фестивалот.

Пол Ван Дајк започна како транс диџеј. Овој исклучително талентиран музичар, но и борец против сиромаштијата и истакнат активист, присутен е на сцената повеќе од 20 години во кои постигна небројни успеси. Од 1999-та година, па наваму скоро секоја година добива награди за најдобар албум, сингл, диџеј, продуцент и тн. Познат е и по соработките со бројни светски ѕвезди како Депеш Мод, Бритни Спирс, Дејвид Брн, Мадона, U2 и Џастин Тимберлејк, а секогаш запаметен ќе остане неговиот настап за новогодишната вечер во 2009-та година кога неговиот фуриозен сет го проследија повеќе од милион луѓе во Рио де Жанеиро.

По албумот од 2007-та година, кој според сите диџејски листи беше рангиран на првото место, Пол Ван Дајк во 2012-та приреди амбициозно враќање со новиот албум кој како што најавуваше и самиот наслов, донесе нови промени во денс културата и вистинска еволуција во поглед на самата електронска музичка сцена. Во ова извонредно издание ќе имаме прилика да уживаме и на “Аква Парк Фест”, кој е посебна прилика и по фактот дека од годинашната турнеја на овој артист, “Аква Парк Фест” е една од само трите европски дестинации до сега.

“Аква Парк Фест”, како првото OPEN-AIR издание на петнаесетгодишниот “Таксират”, кое ќе се одржи на 24-ти и 25-ти мај, ќе го претстави и концертот на Сашко Костов и TWW.  Покрај Пол Ван Дајк и Сашко Костов, од музичката програма на фестивалот веќе се потврдени настапите на ѕвездите од светската денс сцена, Марк Најт, британскиот диџеј и автор на некои од најголемите хитови во последните 10 години и холандската денс атракција Санери Џејмс и Рајан Марчиано, но и настапот на еден од најзначајните композитори, продуценти и диџеи на балканската електросцена Кирил Џајковски, кој на “Аква Парк Фест” ќе настапи во придружба на извонредните ТК Вондер и Гето Прист.

Гаранција за незаборавна фешта ќе бидат момците од нашата “Суперхикс” кој и официјално го освои признанието за најдобриот одржан концерт во 2012-та, Фолтин, Бернајс Пропаганда, Смат Фулиш Грин, Конкверинг Лајон како и регионалните миленици Сарс.

“Аква Парк Фест” ќе се одржи на просторот на првиот Аква парк во Македонија, лоциран во Пробиштип. Фестивалскиот простор покрај фестивалските бини и Аква паркот со различните водени атракции кои тој ги нуди, е опремен и со посебен кампинг простор, спортски терени, богата понуда на разновидна храна, повеќе посебно организирани делови за многуте забавни содржини на фестивалот, а сето тоа гарантира несекојдневна можност за повеќедневна забава под отворено небо.

Подготви: Редакција Музика24

Можеби ќе ве интересира: