Убави вести доаѓаат од Битола. Јубилејниот 15-ти „Локум фест“ ќе се одржи од 22 до 24 јули. За фестивалското отворање во Хераклеја е најавен концерт на „Влатко Стефановски Трио“. Триото покрај Влатко го сочинуваат неговиот син Јан и Иван Кукиќ.
За 23-ти јули во пациото на Завод и Музеј – Битола е најавен концертот „Apocalypticum“, на кој ќе настапат Драган и Ратко Даутовски.
Балканскиот етно-фјужн фестивал “Локум фест – музика и традиција” е една од најпопуларните манифестации кои се одржуваат во летниот период во Битола. Инспирацијата на фестивалот е старата традиција во градот на конзулите, средби со кафе и локум.
„Се обидуваме да ја одржиме таа традиција, бидејќи е важна за нашето културно наследство, но и за заживување на културниот туризам во нашиот град“, изјави организаторот Тоше Ивановски, најавувајќи го претходното издание кое се одржа во пандемиски услови.
Фестивалот е поддржан од Министерството за култура на Република Македонија
