Премиера

Музика во книга: „Фајронт во Сараево“ – Неле Карајлиќ

Ѕвездата на „Забрањено пушење“ и на „Топ-листа надреалиста“, Неле Карајлиќ, повторно во рубриката „Музика во книга“. Овој пат во нашата рубрика, во соработка со издавачката куќа Арс Ламина, Ви го претставуваме писателското деби на Неле, „Фајронт во Сараево“.

На околу 350 страници, Неле ја раскажува приказна што почнува во една кафеана во Младеновац, а продолжува со патувањето кон Првото коронарно одделение на Ургентниот центар во Белград. Неле од таму суптилно се пренесува четириесетина години наназад, во предвоено Сараево, каде што границите на универзумот не ги надминуваат границите на Кошево, а носител на успехот и смислата на животот е фудбалскиот клуб „Жељо“. Пред нас се простира топла, емотивна и неодолива приказна за едно детско растење, созревање и стареење во земја натопена со крв, болка и нетрпеливост. На искрен, емотивен и духовит начин, оваа книга зборува за тоа како почна и како заврши сè.

Д-р Неле Карајлиќ, се открива како еден од најскапоцените инсајдери на митските југословенски приказни. Тој патува во спомените испреплетени со сегашноста и пред читателите се открива како сонувач, жртва, визионер и вечен извор на идеи. Влијанието на „Забрането пушење“ во тогашниот југословенски и постјугословенски контекст е огромно и во оваа приказна добиваме една поинаква перспектива на историјата на рокенролот.

 “Со задоволство би се вратил во годините за кои пишувам во „Фајронт во Сараево“, но најмногу би сакал крајот да е малку поинаков. Да не заминев од градот, да немаше војна, сите да продолжевме да живееме во една голема и среќна земја и на крајот на краиштата, името на книгата да не биде „Фајронт во Сараево“, туку „Добар ден и добре дојдовте во Сараево“. Но, за жал, историјата е многу покомплексна работа од моите желби. Судбината е сериозна, со неа нема зафрканција, својата работа ја работи стриктно. Во суштината, цела приказна во „Фајронт во Сараево“ е моја исповед пред Судбината и Азраел. Причина зошто ги уфрлив нив е што кога почнав да ја пишувам автобиографијата, ми беше многу сувопарно да почнам во стилот: „Роден сум како многу малечок“. Тие двајца ми помогнаа да направам една возбудилва ситуација во потенцијално крајната точка во мојот живот од која преку нив се враќам на самиот свој почеток и почнувам ретроспективно да раскажувам каде живеев, каква земја беше тоа, каков бил градот”, изјави Неле на средбата со македонската публика.

Книгата е достапна за нарачка на веб-страницата literatura.mk и во книжарниците на „Литература“ во Скопје и Битола. Кои се наоѓаат во Т.Ц. Буњаковец, ГТЦ, Веро Центар, Сити мол, ул. „Македонија“ во Скопје односно на Широк сокак во Битола. 

Можеби ќе ве интересира: