Општина Штип како организатор на фестивалот на забавни мелодии “Макфест” распиша конкурс за избор на композиции за 36-то издание на фестивалот. Како што е најавено ,,Макфест 2021” ќе се одржи вo втората половина на септември годинава во Штип.
Општина Штип во својство на организатор и покровител, на крајот на натпреварувачката вечер ќе додели седум парични награди, односно: 5.000 евра за 1-ва награда, 3.000 евра за 2-ра награда, 1.000 евра за 3-та награда, 500 евра за најдобра вокална изведба, 500 евра за добитникот на наградата „Драган Ѓаконовски – Шпато“. По 500 евра се предвидени и за најдобриот дебитант и за најдобар сценски настап.
На Конкурсот може да учествуваат сите заинтересирани домашни и странски автори и изведувачи кои ги поседуваат потребните квалификации и кои сакаат да се истакнат со својот квалитет, способност и креативност. При што еден изведувач или музичка група може да учествува на фестивалот најмногу со една композиција. Еден автор на музика или текст може да учествува на фестивалот најмногу со две авторски дела. Еден автор на аранжман може да учествува на фестивалот најмногу со три авторски аранжмани. Учесниците на Конкурсот на кои ќе им бидат избрани композициите ќе бидат информирани за исходот најдоцна до 10-ти мај 2021.
Покрај за композиции, Општина Штип објави и оглас за уметнички директор. Кандидатите покрај општите услови утврдени со закон, треба да ги исполнува и следните посебни услови: да имаат соодветно високо образование – факултет/академија за музичка уметност- (VII/1, степен или 180 ЕКТС); да имаат над пет години работно искуство во дејноста за која конкурира и да имаат менаџерски способности.
