Рубриката „Музика во книга“ продолжува и оваа среда. Од денес, па секоја следна среда ќе Ви претставуваме по едно издание на издавачката куќа „Полица“, поврзано со музиката. Денес на ред е биографијата на култниот бенд „Пинк Флојд“ од авторот Марк Блејк. Прецизна, возбудлива и амбициозна како и секој нивни албум, „Кога свињите ќе полетаат“ е прогласена за најкомплетната биографија на „Пинк Флојд“.
Ова е издание на „Полица“ е првата комплетна биографија за групата. Се работи за проширено издание на историјата на еден од најголемите рок-бендови на сите времиња, а е резултат на разговорите што авторот Марк Блејк ги водел со Дејвид Гилмор, Роџер Вотерс, Ричард Рајт и Ник Мејсон. Интервјуата со други поранешни членови на бендот, продуценти, соученици, девојки, сценски техничари, цимери, менаџери, пријатели, непријатели и голем број други луѓе што имале увид во животот на членовите на групата и во нивната работа. Комбинирајќи ги мислењата и сеќавањата на очевидците, оваа книга ја следи приказната на групата од нејзините корени во Кембриџ до нејзиниот глобален успех со „Dark Side of the Moon“ и нејзиниот горчлив распад во 80-тите години од минатиот век, од нивниот историски собир на „Лајв 8“ до смртта на основачот Сид Барет во 2006 година а и сè што следувало потоа.
„Пинк Флојд – Кога свињите ќе полетаат“ не е само за оние кои го сакаат овој вонвременски состав. Тоа е книга за сите на кои музиката им е се уште важна! Книгата е достапна за нарачка на веб-страницата на „Полица“ и во нивната продажна мрежа ширум земјава.
Подготви: Редакција Музика24
