Премиера

Музика во книга: „Уште музика и муабети: колекција на музички интервјуа“ од Ненад Георгиевски (Фото)

Книга од македонскиот музички новинар и критичар Ненад Георгиевски, по трет пат во рубриката „Музика во книга“. Оваа среда Ви ја претставуваме втората книга со музички интервјуа, насловена „Уште музика и муабети: колекција на музички интервјуа“, а во издание на издавачката куќа „Полица“.

Книгата се состои од интервјуа во кои е опфатен широк опсег на теми што се однесуваат на повеќе аспекти од занимавањето со музика, почнувајќи од инспирацијата, оригиналноста, искуствата, начинот на работење па сè до илустрации, дизајн, книги. Исто така, интервјуата ги испитуваат амбициите и достигнувањата на самите музичари. Бидејќи станува збор за претставници на различни музички жанрови кои уживаат голем углед и популарност, а разговорите со нив ги надминуваат дневните теми и опфаќаат суштински аспекти на музиката, уметноста и создавањето воопшто.

Станува збор за 60 интервјуа со луѓе на различни возрасти, од различни земји, континенти, професии, интереси, жанрови но кои ги обединува едно нешто – љубовта на музиката. Во овие 400 страници ќе имате можност да прочитате интервјуа со мноштво на реномирани артисти од целиот свет како: Паула Мореленбаум, Ришард Галијано, Ал Ди Меола, Рој Хејнс, но и нашите Џијан Емин и Зоран Маџиров.

„Причините за правење на овие интервјуа се уживањето, но и работата. Не станува збор за тоа дека сум „ловец на глави“, односно „дружба со популарни ликови“, туку тоа е резултат на работа во разни медиуми во Македонија, Србија, САД и на разни патувања. Ова се луѓе со кои сум имал среќа да се сретнам и да се запознаам и сум имал можност да ги забелажам нивните мисли и емоции“, вели Георгиевски.

Ненад Георгиевски е дипломиран професор по англиски јазик, преведувач, новинар, организатор на филмскиот фестивал за музички документарни филмови „Скопје Синема Сити“ и страстен колекционер на книги и на музика. Тој е долгогодишен соработник на порталот за џез-музика „All About Jazz“ во САД, а од 2011 година, како хонорарен соработник, објавува интервјуа и текстови во повеќе македонски весници, списанија и веб-страници. На оваа збирка со музички интервјуа му претходи неговата прва збирка со музички интервјуа „Музика и муабети : колекција на музички интервјуа“.

За сите заинтерсирани, книгата е достапна за нарачка на веб-страницата на „Полица“ и во нивната продажна мрежа ширум земјава.

Подготви: Филип Етмишовски

Можеби ќе ве интересира: