Вчера вечер беше промовирана првата песна од новиот албум на Каролина Гочева, Дуке Бојаџиев и Исмаил Лумановски. Композитор на „Идила“ е Драган Ѓаконовски – Шпато (1931-1987), кој важи за зачетник на македонската забавна музика. Новиот аранжман е дело на Дуке Бојаџиев, кој ја придружува Каролина на пијано. Покрај Бојаџиев на пијано, вклучен е и битолчанецот Лумановски на својот кларинет.
Шпато е автор на бројни забавни мелодии, на аранжмани за забавна музика и џез, почнувајќи од првите повоени години. Бројни генерации се сеќаваат на неговите популарни композиции, како и на првата македонска џез-композиција насловена „Тема I“, што ја создал во 1947 година. Се сметал за извонредно надарен музички инструменталист кој формирал повеќе оркестри и групи.
