Вечерва на Ракометното игралиште во Битола, со почеток во 21 часот ќе се одржи концертот „Рок симфонија“ со кој се отвора фестивалот „Балкан гала“. Домаќин на фестивалот е Камерниот оркестар на Битола. Публиката ќе има прилика да се потсети и да ужива во хитовите на легендарниот фронтмен на „Парни Ваљак“, Аки Рахимовски и многу добро познатиот рокер Дадо Топиќ.
Светските најдобри рок хитови ќе ги изведат нашите најдобри домашни вокали: Дани Димитровска, Михајло Трајковски-Сак, Бранислав Николов (Фолтин), Жарко Јакимоски, Наташа Миха, Сашо Паркет, Ирена Димовска, Елена Стојчевска… сите заедно придружувани од домаќинот на фестивалот, Камерниот Оркестар на Битола.
Фестивалот „Балкан гала“ е уникатен тридневен фестивал единствен на овие простори. Три различни Гала концертни вечери со многу гости артисти од целиот Балкан, придружувани од Камерниот Оркестар на Битола составен од над 30 музичари. Уникатна можност да ги слушнете вашите омилени песни и вашите омилени артисти во сосема нови симфониски аранжмани.
