На 18-ти септември 2021, во дворот на Кинотека на Македонија, со почеток во 19 часот ќе започне седмото издание на Филмскиот фестивал за музички документарни филмови „Скопје синема сити“. Филмот што ќе го отвори Фестивалот е уметничкиот филм „Кога ќе се родиме“ во режија на Винсент Мун, за филмскиот композитор Олафур Арналдс, којшто е воедно и „Артист во фокусот“.
Секое издание на „Скопје синема сити“ го отвора филм за одреден уметник, на кого му се посветува изданието и му се доделува Награда за животно дело за заслуги за музиката и филмот. Оваа година тоа е Исланѓанецот Олафур Арналдс, кому Фестивалот му ја испрати наградата на Исланд. За потсетување, Фестивалот ги има наградено со истата награда Дејвид Боуви (2015), Леонард Коен (2016), Руичи Сакамото (2018), Филип Глас (2019), Влатко Стефановски (2019) и New Order (2020). Арналдс е еден од најпопуларните млади современи композитори на класична и филмска музика и зад себе има импозантен опус. Филмот е уметничко дело којшто раскажува една човечка приказна што се базира врз животот на Арналдс. Снимен на локации во Исланд летото 2020, филмот истражува теми како ритуали, односи и нашите внатрешни пејсажи преку музиката на последниот албум на Олафур „Some Kind of Peace“, која е изведена и снимена на сетот. Како и албумот, така и филмот се фокусира врз тоа како сите се движиме напред во животот – тема која е особено важна во период на изолација и исклучување од светот.
